„Скопје се смее“ е мотото на годинашната „Априлијада“, која ќе се одржи в понеделник на плоштадот „Македонија“, во организација на детскиот културен центар „Карпош“ и градот Скопје. Првоаприлската манифестација предвидува забава под маски за децата од сите училишта, градинки, но и за граѓаните на Скопје, а дефилето под маски почнува во 11 часот.

Забавата ќе ја дополнат песнички, игри и модерен балет и точки од другите секции на ДКЦ „Карпош“, настап на златните славејчиња, како и танцови групи од основните училишта. За присутните на забавата ќе има фотографирање со суперхероите на децата и уште многу други изненадувања.

– Ќе учествуваат и децата што ги освоија нашите срца, а освојуваат и многубројни награди и врвни признанија во својата категорија, а тоа се децата со Даунов синдром од Трисомија 21. Ве очекуваме и во забавната зона за игра на отворено – вели директорката на ДКЦ „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.

ДКЦ „Карпош“ секоја година објавува конкурс до основните училишта за најдобра маска и карикатура за кои следуваат дипломи, кои ќе се доделуваат на манифестацијата. По официјалното дефиле под маски ќе следува забава за присутните од 16 до 18 часот, а ќе настапат младите таленти: Мина Блажев, Елита Зибери и Лина Пејовска, како и еминентните музички уметници:
Александар Митевски и Арбен Бени Шаќири. На плоштадот „Македонија“ по 18 часот забавата продолжува со диџеј Ампов за сите „големи деца“.