Клацкалки од екоматеријали, клупи за седење, импровизиран бунар, масичка за X/0 и „Не лути се човече“, како и новозасадено зеленило се содржини што се дел од првата екозанимална во Карпош, во рамките на детската градинка „Орце Николов“ во Карпош 3.

Станува збор за уредена зона на отворено, која можат да ја користат децата и воспитниот кадар. Во рамките на екозанималната е креирана и градина, во која се одгледуваат најразлични билки.
– Градинката „Орце Николов“ е најстарата предучилишна установа во нашата држава, но и меѓу државните градинки што нудат најдобар квалитет на услуги. Оваа занимална е создадена од воспитниот и административниот кадар на градинката, со поддршка и од децата, родителите, директорката Надица Гировска, како и од Општина Карпош – велат од Општината.

Како што најави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, во текот на летото, оваа градинка ќе добие и дополнителен објект, односно, предвидени се четири нови занимални, со што значително ќе се зголемат капацитетите за згрижување деца.
Градоначалникот истакна дека градинките повеќе не се установи во кои децата само престојуваат. Тука тие стекнуваат навики, учат за првите поими и појави, јадат здрава храна, а поттикнати се и на креативност, двонасочна комуникација и одговорност.