Поради деинституционализација објектот летово беше затворен за штитеници Фото: Маја Јаневска-Илиева

Домот за деца и младинци „25 Мај“ во Бутел е затворен и повеќе не е институција за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми. Домот „25 Мај“ беше деинституционализиран, а неговите станари сега се сместени во индивидуални куќи. Во новите живеалишта живеат како и сите други семејства во своите домови, со тоа што штитениците се под постојан надзор. Објектот „25 Мај“ не е повеќе во нивна функција и многумина се прашуваат кој е сега сопственик на овој објект, дали тој зјае сега празен или можеби е пренаменет и се користи за друга намена и за што би можеле да бидат искористени тие простории. Во општината Бутел, на чија територија се наоѓа објектот, не знаеја што се случува со оваа зграда, но потврдија дека таа и натаму е сопственост на Министерството за труд и социјална работа, односно на Владата на Република Македонија. Објектот на поранешниот дом „25 Мај“ е стар повеќе од половина век, односно шеесетина години. Во институцијата беа сместени 25 деца и младинци.

Одговори на сите прашања врзани за објектот побаравме од Министерството за труд и социјална политика, а оттаму добивме потврда дека објектот сѐ уште е во нивна сопственост. Инаку, зградата се протега на површина од 2.500 квадратни метри.
– Домот „25 Мај“ во Бутел, односно ЈУ Завод за згрижување деца и младинци со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“, го трансформира обликот на услугата и во него повеќе нема да се згрижуваат деца со воспитно-социјални проблеми, туку работи како административна зграда, која ќе ја извршува својата улога, во согласност со Законот за социјална заштита. Сите 25 деца што беа сместени во оваа установа, сега живеат во мали групни домови, индивидуални куќи во Скопје. Станува збор за пет станбени единици што ги имаат сите потребни услови за тие да се чувствуваат како во свој дом, а се под постојан надзор на стручни лица. Објектот, кој е со површина од 2.500 квадратни метри, е во сопственост на Владата на Република Македонија. Идејата е тој да продолжи да функционира како социјален сервис, во согласност со потребите на Министерството за труд и социјална политика, за што во моментот се прават процени – ни одговорија од Министерството за труд и социјална политика.

Со затворањето на домот „25 Мај“ и сместувањето на штитениците во индивидуални домови во јули годинава, се направи трансформација на установата. Домот го тресеа многу скандали, како исчезнување на штитеници, полов напад врз штитенички и слично. Можеби многумина сѐ уште се сеќаваат на двете малолетни сестри што беа штитенички на домот до 2015 година, а преживеале полов напад од 35-годишен маж и дека додека биле под покривот на домот дури 89 пати биле пријавувани за исчезнати.

Последен беше случајот со сексуално малтретирање на 13-годишното девојче, кој комисија на Министерството за труд и социјална политика го испитуваше, а за кое невладиниот Европски центар за правата на Ромите тогаш соопшти дека било подложено на абортус, откако забременило по сексуално малтретирање како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 Мај“. По сите овие скандали, имаше и лавина реакции по социјалните мрежи во кои се повикуваше на одговорност на надлежните, но и на затворање на институцијата.