Некои од жителите на Бутел се нервозни и револтирани затоа што со месеци поминуваат по раскопаната улица Марко Крале

Со месеци останаа длабоки ископи во асфалтот по општинската улица Марко Крале во населбата Бутел. Некои велат дека во асфалтот е издлабено цело речно корито и којзнае до кога ќе биде така. Реконструкцијата на оваа сообраќајница одамна е започната и тамошните жители велат дека веќе заборавиле кога биле ископани и извадени деловите од стариот коловоз. Одамна ги нема ниту градежните работници и работите се запрени и уште којзнае колку ќе чекаат на тампонирање и асфалтирање на коловозот. Реконструираната улица за нив станала пуста желба и не гледаат решение на низата проблеми што сега ги имаат поради сево ова. Не можат да одат ниту пеш, ниту пак со автомобил. Опасно е велат за пешачење, бидејќи некој ќе превитка нога, а лошо е и со автомобил. Бутелчани и оние што ја користат оваа сообраќајница реагираат нервозно и револтирано поради негрижата на надлежните од општината, кои ги оставија работите на половина. Оние што живеат на улицата Марко Крале кога поминуваат по неа, на овие летни горештини, голтаат прашина во воздухот.

– Со месеци е раскопана улицата Марко Крале и сега бидејќи е таква каква што е состојбата, се чини по неа ќе можеме да одиме само со коњ, а не со автомобили. Ги искршивме возилата по раскопаната сообраќајница. Кој скршил спојки, кој амортизери, постојано сме по автомобилски продавници и работилници за некакви поправки, за кои, секако, даваме пари од домашниот буџет. Нервозите ни се гратис од неодговорното однесување на општинарите, кои не си ја завршија работата онака како што треба. Нам сега ништо не ни преостанува освен да се жалиме и да критикуваме – вели жител од општината Бутел.

Повозрасна жителка од населбата, вели дека мачно ѝ е секој ден да излезе од дома и не може да си појде до продавница, бидејќи од раскопано и дупки не се поминува, а таа се движи со бастунче. Не може да си појде и кај сосетката на кафе, бидејќи стравува да не скрши нога или рака.

Од општината Бутел засега молк, најверојатно поради годишните одмори или од други причини, никој не одговара на телефонските повици. Три дена не креваат слушалка ниту од надлежните ресори ниту од кабинетот на градоначалникот Велимир Смилевски.
Сега навистина на бутелчани не им преостанува ништо друго, освен да се надеваат дека еден ден дупките од исечениот асфалт ќе бидат затворени и дека општината ќе ја заврши задачата што ја почнала за да ја оспособи улицата Марко Крале пред на неа да се појави некој коњ како помошно превозно средство.