Фото: Илустрација

Градските власти распишаа јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купување електрични тротинети за 2018 година.

Може да аплицираат сите жители на Град Скопје кои ќе купат електричен тротинет од денот на објавувањето на јавниот повик (29 октомври 2018 година), заклучно со 10 декември 2018 година. Со овој повик се предвидува Град Скопје да надомести (субвенционира) дел од средствата за набавка во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, граѓаните треба да достават неколку документи. Тоа е барање за надомест, кое може да се подигне од архивата на Град Скопје, во барака 16.

Потребно е да се достави и доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување на електричен тротинет, оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка т.е доказ за платена фактура во целост (оригинал на увид), со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надомест за еден електричен тротинет.

Барањето за надомест на дел од трошоците за купување електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните треба ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, булевар „Илинден“ бр.82, секој работен ден од 9 до 15 часот.

Градот Скопје соопшти дека во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, сѐ до нивно целосно искористување, но не подоцна од 10 декември 2018 година. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, сѐ до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена. Доколку бидат исцрпени предвидените финансиски средства, Град Скопје ќе ја информира јавноста дека јавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен. За оваа намена Град Скопје предвиде 1.090.000 денари.