Екипите на Град Скопје почнаа со изведба на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од крстосницата со булеварот Христијан Тодоровски Карпош до крстосницата со улиците Ќемал Сејфула и Бутелска. Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски.

– Очекуваме во наредните десетина месеци да дојде до спојување со трасата на булеварот Босна и Херцеговина што веќе се работи. Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение со кое се спојуваат булеварот Словенија, Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски Карпош – рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој кажа дека станува збор за нови 1.700 метри булевар, со ширина од 40 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки.

За реализацијата на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина од Буџетот на Град Скопје се издвоени околу 100 милиони денари со пресметан ДДВ.

Шилегов упати апел до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим и да ја почитуваат поставената патна сигнализација, а брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.

Од Градот потсетуваат дека некогашната улица Босна и Херцеговина е изградена пред 40-на години, од тогаш асфалтот не е променет, а улицата била широка само 7 метри.