Традиционалната Дедомразовска трка во Скопје годинава ќе се одржи на 22 декември.

Трката покрај натпреварувачки, има и забавен карактер па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само два километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.

Стартот и финишот на трката се на Плоштадот Македонија, а ќе се трча кон Порта Македонија, Парк Жена Борец, Холидеј Ин, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку мостот до целта.

Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 200 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.

Трката ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв.