Фото: Маја Јаневска Илиева

„Паркирај совесно“ е мотото на едукативната кампања за безбедност во сообраќајот што ја реализираат општината Центар и ЈП „Паркинзи на општина Центар“, во соработка со СВР-Скопје. Целта на кампањата е насочена кон издигање на сообраќајната свест и култура на повисоко ниво, зголемување на одговорноста кај возачите и укажување на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи.

Дел од кампањата предвидува двомесечно емитување на осум едукативни видеа со јасни пораки, кои ќе придонесат да се изгради совесност за одговорно учество во сообраќајот и ќе ги истакнат местата на кои возачите не смеат да запрат или да го паркираат своето возило. Еднаш неделно ќе се објавува по едно едукативно видео на неколку национални телевизии, македонски интернет-портали и на социјалните мрежи.

Во рамките на кампањата, на паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе се поставуваат летоци на паркираните автомобили, кои ќе повикуваат на совесно паркирање. „Паркинзи на општината Центар“ и СВР-Скопје ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно паркирани автомобили во Центар сѐ додека трајно не се решат сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање.
– Апелирам до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да не ги паркираат своите возила пред објекти, коловози, тротоари, зелени површини, пешачки патеки и други слични површини што не се наменети за паркинг – рече на прес-конференција градоначалникот Саша Богдановиќ.