Почна изградбата на новиот, прв, висечки мост, кој ќе се најде во скопската општина Карпош. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кажа дека овој мост се реализира со прераспределбата на средствата на ТАВ за изградба на карго аеродромот во Штип.

– Град Скопје доби околу 380 милиони денари за изведба на овој прв висечки мост, архитектонско чудо кое што има претензија да стане ново обележје на нашиот град – рече Шилегов.

Тој најави дека изградбата на мостот ќе заврши за околу 18 месеци, на средината на 2023 година.

Со изградбата на новиот мост преку реката Вардар ќе се поврзат улицата „Љубљанска“ и булеварот „Илинден“ со улицата „Скупи“ во општина Карпош. Овој прв висечки мост во Скопје е предвидено да има четири коловозни ленти и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.

Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри, а должината на самиот мост изнесува 113 метри.