Саботната вечер во Градскиот парк во Скопје ја обележа големата акциска контрола спроведена во седум угостителски објекти. Акцијата ја реализира СВР-Скопје заедно со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд. При извршената контролата легитимирано е 21, а приведени се три лица.

Според информациите од МВР, контролата е спроведена во периодот од 1.15 до 3.30 часот ноќта во објекти лоцирани во Градскиот парк и неговата поблиска околина. Биле приведени три лица, кај едниот е пронајден пиштол со десет куршуми, кај другото лице е пронајдено пакетче со непозната прашеста материја. Третото лице е приведено поради одбивање за почитување наредба издадена од полициските службеници и спротивставување на полицијата да презема службени дејства. Исто така, во еден од објектите се затекнати и шест малолетни лица, кои се приведени во полициската станица во Карпош за утврдување на нивниот идентитет. Во акциската контрола се легитимирани и пет лица што работеле како обезбедување, а не поседувале лиценци.
Законот треба да важи за сите и за оние што го спроведуваат, а недвосмислено треба да го почитуваат и сопствениците на дискотеките, нивните вработени и посетителите. Владеењето на правото не се препознава само низ институциите туку и во секојдневниот живот. Ноќниот живот, пак, е огледало на правната држава. Само така ќе профункционира правната држава, а најмладите ќе бидат безбедни кога се забавуваат.

За големата полициска акција вчера беше прашан и премиерот Зоран Заев, кој одговори на пратеничко прашање, дека според она што го добил како информација ниту една од седумте дискотеки немала лиценца за дискотека.
– Некој носел оружје во самите дискотеки, имало дрога. Има реакции од многу луѓе, има реакции и од некои од пратениците, но тоа е само доказ дека законот важи еднакво за сите. Во еден од објектите имало 5.000 граѓани, а безбедноста на граѓаните е пред сѐ и над сѐ. Акцијата е спроведена од 47 полицајци. Ако имало слабости кај полицијата ве уверувам дека ќе бидат санкционирани, досега нема такви докази. Некои што реагираат на оваа акција се мои лични пријатели. Сакаме да ги слушнеме сите забелешки, но МВР мора да ја гарантира безбедноста за сите. Подзаборавивме какви тешки моменти преживеа Македонија без превентивни контроли. Локалите се драгоцени полначи на буџетот, отвораат работни места и со должна почит и понатаму ќе бидат третирани – одговори премиерот Заев.
Во саботната акција дополнително, од страна на другите контроли на Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани објекти е констатирано дека работеле без соодветна документација за вршење угостителска дејност, додека од Управата за јавни приходи е најдено дека во два угостителски објекта постои разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси, по што на овие објекти им е изречена забрана за вршење дејност од 15 дена.
Полициската акција покажа дека младите не се целосно безбедни во ноќните клубови, дека постои голема употреба на дрога и психотропни супстанции, а има и луѓе што влегуваат во угостителските објекти и со огнено оружје. Од МВР изјавија дека за спроведената контрола направена е претходна процена за бројот на присутни лица, како и околностите во кои таа се спроведува и поради тоа се ангажирани соодветен број полициски службеници, кои постапувале соодветно и во согласност со процедурите и со законските одредби.