Жителите на општината Центар ќе можат 24/7 да склучат или да ги продолжат корисничките договори за користење паркинг на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје, односно да побараат издавање повластена паркинг-карта. Тоа ќе можат да го направат на седум локации на територијата на општината Центар: во куќарките на ПОЦ на затворените паркиралиштa кај Домот на градежниците, „Трготекстил“, „Аутомакедонија“ и „Палома Бјанка“. Исто така, тоа ќе можат да го сторат и на депото на службата „Пајак“ и на пунктот за наплата во катната гаража „Судска палата“. Седмата локација ќе биде на новото затворено паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец, кое ќе се отвори наскоро.

– Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје донесе нова интерна процедура за издавање договори за користење на јавното паркиралиште со наплата и издавање повластена паркинг-карта за да им овозможи на жителите побрз начин за вадење кориснички договори и полесен пристап до услугите на претпријатието. Документи што ќе треба да се достават при склучувањето договор за користење повластена паркинг-карта за жител се: копија од лична карта и копија од сообраќајна дозвола, додека потребни документи за повластена паркинг-карта за жител со службено возило се: копија од лична карта, копија од сообраќајна дозвола, образецот ППК 1 за користење службено возило за приватни цели, копија од образецот М1/М2 и тековна состојба од деловниот субјект не постара од шест месеци – соопштуваат од Општина Центар.

Корисниците и понатаму преку новата веб-платформа www.poc.mk ќе можат онлајн да склучуваaт и да продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронско плаќање, да плаќаат дневна паркинг-карта, месечен билет и други типови билети, како и да поднесуваат рекламации и приговори, да вршат проверка на состојбата на М-карта, со целосен увид на билансот на картата. Може да пријавуваат гостинска регистарска табличка, да ја проверуваат состојбата на гостинските часови и да ги дополнуваат и плаќаат преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман. Исто така, за секоја потребна информација корисниците ќе може да се обратат во Дирекцијата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, на телефонскиот број 02 3212 488, секој работен ден од 8 до 16 часот.