Договор за соработка меѓу Скопје и Атина денеска потпишаа градоначалниците на двата града, Петре Шилегов и Јоргос Каминис.

– Со потпишувањето на овој Договор со Атина ќе размениме информации, искуства, нови практики и ќе негуваме соработка во разни области на нашата работа и надлежност како што се градската администрација, управување со јавни услуги, урбан развој и отпорност, заштита на животната средина и природата, културни и туристички активности, иновации, информатичка технологија и дигитализација – рече Шилегов по потпишувањето во Музејот на современа уметност (МСУ).

Според Шилегов, ова е историски ден за Скопје и за Атина.

Градоначалникот Каминис нагласи дека билатералните прашања меѓу двете држави не треба да ги запрат во решавањето на проблемите и во обидот да се изнајде заедничко решение.

– Ние не смееме да го пропуштиме овој воз. Со нашето партнерство ние му покажуваме на светот дека нашата историја не нė дели и би требало да не спои поблиску. Граѓаните на Скопје и на Атина очекуваат да им служиме на најдобар можен начин – рече Каминис.