Странците се чудат на тоа што на едно посетено место нема јавни тоалети - Фото: Дарко Андоновски

Преносните тоалетни кабини на Средно Водно се отстранети, а од ЈСП не кажаа зошто

Користејќи го топлото време голем број граѓани го посетуваат Водно, меѓу кои и голем број домашни и странски туристи. Но сите што биле на планината веќе извесно време се соочуваат со проблем, бидејќи ги нема оние неколку преносни тоалетни кабини, кои беа единствените јавни тоалети поставени на Средно Водно. Многумина од граѓаните чекаат ред за да влезат во тоалетот на угостителскиот објект на Водно, за што, како што тврдат, им се наплатуваат по 30 денари. Проблемот е повеќе од сериозен, а надлежните не мрдаат со прст за да го решат. Од градот велат дека тие не поставиле никакви тоалети, а оние неколку јавни преносни кабини биле поставени од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ исклучиво за нивните возачи. Имено, вакви јавни тоалети поставувале на сите почетни и крајни станици.

Од ЈСП, пак, цела недела се без одговор зошто се отстранети тоалетите, која е причината и дали повторно ќе бидат вратени. Не кажаа дали фирмата што ги одржува им ги откажала услугите, дали ѝ истекол рокот за кој била ангажирана, дали можеби во тек е тендер за ангажирање нова. Но каква и да е причината, фактичката состојба е дека никој не се грижи за тоа дека на Водно треба да има јавни тоалети, како што треба да ги има и во другиот дел од градот.

– Градот Скопје на Водно нема поставено мобилни тоалети. Доколку прашањето ви е за неколкуте тоалети поставени на паркингот на Средно Водно, истите тие се поставени од страна на ЈСП „Скопје“. За повеќе информации околу овие тоалети обратете се во ЈСП – ни рекоа од градот Скопје.

Сепак, чудно е зошто градот не ја презема грижата за поставување јавни тоалети за посетителите на Водно или, пак, не го побара тоа од ЈСП, кое управува со жичницата. Ако се грижеше кога имаше загадување на воздухот за да се оди со возила или без возила до Средно Водно, зошто да не се погрижи сега излетниците да не ги вршат своите физиолошки потреби во шумата.

Од ЈСП не ни дадоа конкретен одговор зошто се тргнати тоалетите на Средно Водно и кога би биле поставени нови. Ако тоалетните кабини биле наменети за автобуските возачи на ЈСП, дали тогаш воопшто може да се каже дека се јавни? Ова значи дека на Средно Водно воопшто и нема јавни тоалети за посетителите.

– Викендов бев на планинска прошетка во парк-шумата Водно. Како секогаш и сега се опремив добро. Си зедов дополнителна облека, храна и вода. Престојував подолго, бидејќи со друштвото останавме да уживаме на топлото сонце, а потоа мислевме да се качиме до врвот на Водно, како што правиме секогаш. Но физиолошките потреби и фактот што нема тоалети, нѐ натераа да се вратиме дома. Оваа случка ме иритираше и се прашувам зошто на едно вакво место излетниците се оставени без јавни тоалети, кои се повеќе од потребни за сите посетители. И овој проблем не е само на Водно, во целиот град нема јавни тоалети. Мора да има јавни тоалети на најфреквентните места, тоа е така секаде во светот – вели Милка П.

Во развиените градови низ светот, каде што транзитираат голем број луѓе, задолжително има јавни тоалети, кои исполнуваат високохигиенски услови и исто така изгледаат навистина угледно. Но во нашава метропола не е така. Најчестата причина зошто ги нема и зошто не се одржуваат сега постојните е тоа што не се знае под чија ингеренцијата се. Но независно кој е одговорен за нив, јавни тоалети мора да има, особено на Водно и на Средно Водно и на врвот.