Скопје стана блокиран град од разни протести, штрајкови и други форми на изразување на некакво незадоволство од нешто. Речиси секој ден граѓаните остануваат заробени на скопските сообраќајници и по заобиколен пат се обидуваат да стигнат таму каде што се упатиле. Така беше и завчера, кога таксисти од неколку компании неколку часа ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“, барајќи да им се вратела старата локација на станицата на Бит-пазар. Го блокираа цел град само затоа што сакале да стојат стотина метри подолу, пред аптеката на „Зегин“, наместо на новото такси-стојалиште малку погоре што им го овозможи градот, до зелениот пазар спроти поликлиниката „Бит-пазар“. Полицијата ги казнувала, а завчера им дозволи да го блокираат булеварот Крсте Мисирков, како и половина град, токму во периодот кога едни брзаат кон дома од работа, а други, пак, да стигнат на работа во попладневната смена. Никаде нема вакви примери за ненадејно и навреме непријавено пренасочување на сообраќајот поради протест од банални причини. И онака секое попладне под плоштадот „Скендер-бег“ се создаваат по четири колони од возила, кои лазат за да стигнат до семафорот кај МНТ, а потоа им требаат уште по десетина минути додека го поминат наредниот за да свртат кон Бит-пазар.

Вчера поради протестот на таксистите беше уште полошо, автобусите и автомобилите вртеа на семафорот кај МНТ, а потоа преку Калето, кај Американската амбасада, продолжуваа по Пластичарската улица. По неа автобусите и автомобилите, заедно со камиони и други товарни возила, повторно лазеа за да стигнат под мостот кај кружниот тек на Бит-пазар, па со вртење кај цветниот пазар, кај поликлиниката „Бит-пазар“ да се приклучат повторно по булеварот Крсте Мисирков за да продолжат по вообичаената траса. Патниците препотени во неклиматизираните автобуси, нервозни, неинформирани за настанот беа револтирани, гневни и разочарани од сите надлежни што дозволуваат секојдневно малтретирање на граѓаните од разни групации, кои само ќе намислат да протестираат и ќе блокираат улици. Има ли некој да им каже стоп на ваквите случувања и ригорозно да ги постави правилата кој сѐ може да блокира и каде да протестира, а граѓаните да не бидат заробеници во сопствениот град.