Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Пожарите се најголема опасност во летниот период, избувнуваат одненадеж, неочекувано, а штетите можат да бидат од огромни размери. За заштита од пожарите не се доволни само редовните кампањи што ги реализираат општините туку е потребна поголема грижа на граѓаните, кои секогаш забораваат да остават слободен пристап за пожарникарите и нивните противпожарни возила до објектите. Евидентно е дека за тоа многу не покажуваат грижа ниту заедниците на станари, а директно инволвираните во проблемите при гасење на пожарите тврдат дека се потребни и подобро законско решение и поголем ангажман на инспекциските служби во однос на ова прашање.

Најчест проблем со кој редовно се соочуваат пожарникарите се паркираните автомобили, од кои противпожарните возила не можат да поминат во урбаните средини. Сообраќајниот метеж во кој многупати заглавуваат поради несовесни возачи, кои не им даваат предност на противпожарните возила дури и со вклучен аларм, е исто така еден од проблемите поради кои противпожарните служби отежнато пристигнуваат до бараната интервенција. Нивните искуства покажуваат дека најчесто се случува тешко да пријдат и со возило да стигнат до опожарен објект во Старата скопска чаршија, одредени неурбанизирани делови од Скопје, но и во Аеродром или Ново Лисиче, каде што пожарникарите мораат често и на раце да поместуваат паркирани возила.

Лош е приодот на пожарникарите и во некои делови од централното градско подрачје, како на пример во делот на зеленото пазарче, и токму затоа се губи драгоцено време во случаи кога секоја минута е важна за да се спаси нечиј имот или, уште позначајно, нечиј живот.

Покрај тоа што особено е важно брзо да се информираат противпожарните служби за гасење на пожарот, битно е колку тие ќе можат брзо да пристигнат и да интервенираат на опожарениот стан или куќа. Но што вреди нивното пристигнување ако наидат на голем број проблеми и пречки, поради кои се оневозможени да пријдат до опожарениот објект.

– Од моето 30-годишно искуство можам да заклучам дека противпожарната заштита како дел од системот за заштита во едно општество треба да си го најде своето вистинско место. Зборувам за точно дефинирање на противпожарната заштита, со добро законско решение, кое ќе ги обедини превентивниот, оперативниот и инспекцискиот дел. Со подобрено законско решение ќе се решат надлежностите, финансирањето на противпожарната заштита, организационата поставеност и образованието, кои во моментов се недоволно добро решени и не нудат вистинско решение за квалитетна противпожарна заштита.

– При интервенциите, Бригадата на противпожарна заштита на градот Скопје (БППЗ) се соочува со проблеми. Тие почнуваат од моментот кога ќе се случи определена несреќа или пожар. Во паника многу често граѓаните не го знаат повикувачкиот број 193, кој е единствен и карактеристичен за давање на потребната помош. Наместо на бројот на БППЗ, обично се случува да се јават на 194 или 192, а со тоа се губи драгоцено време за интервенција.

Тоа е првиот момент, а веднаш потоа губиме време по пат, пробивајќи се низ сообраќајниот метеж во урбаните места. Често се случува нашето противпожарно возило со вклучени алармни уреди да чека колона од возила и да не биде пропуштено. Проблем е и пристигнувањето до опожарениот објект, како и поставувањето на противпожарното возило до објектот за гасење или за спасување лица – вели Трајче Кметовски, помошник-командант за развој во Бригадата за противпожарна заштита на градот Скопје.

Оние што биле сведоци на опожарување на некој објект најдобро знаат колку е важна брзата интервенција на противпожарните служби, но и однесувањето на станарите кога се во прашање прописите и правилата за оставање слободен пристап на скалилата, подрумските или другите заеднички простории во станбените згради. Токму поради оваа причина пред неколку година безмалку ќе се изгореше цела станбена зграда на улицата Боро Менков, во општината Бутел, ако противпожарната бригада не интервенираше навреме. Во подрумски простории деца во игра со запалка запалиле складирани картонски кутии, од кои беа опожарени и други предмети. Од силниот црн чад со тешкотии интервенирале пожарникарите, а уште потешко излегле и станарите.

– Навистина имавме среќа што не се запали цела зграда, бидејќи почнаа да горат и електрични инсталации, па цел ден без струја останаа цела улица и многу станбени згради. За среќа, брзата интервенција на пожарникарите нѐ спаси од поголема катастрофа – си припомнува Јана Илкова, жителка од оваа улица.

Пожарникарите велат дека во делот на спасувањето од височина, односно во висококатниците чест проблем е непроодноста на скалите за евакуација. На нив се складираат разни делови мебел и друг непотребен материјал, кој во услови на пожар го отежнува и го спречува спасувањето.

Командантот Кметовски вели дека многу често гледаат како во станбените згради се случува во гаражните или во подрумските подземни простории складиран опасен материјал, кој во услови на пожар ослободува токсични материи. Токму тогаш најпрво се зачадува скалишниот простор, со што шансите за брзо напуштање на објектот се минимални и доколку се тргне без заштита, може да биде многу опасно.