Пожарите го голтаат материјалното, ама и чистиот воздух

Огромни количества црн чад завчера го потемнија небото над скопската населбата Маџари од пожарот што избувна во напуштен отпад. Смрдливиот чад не само што им го загрози секојдневието на тамошните жители туку во голем процент доведе до загадувањето на воздухот. Завчеравечер чадеше и во скопско Радишани, а пожарот ги вознемири граѓаните на општината Бутел. Она што е евидентно е дека повторно се случуваат пожари и покрај сите апели и кампањи летово да не се пали оган на отворено, да не се палат депонии и стрништа, како и да се внимава на фрлањето догорчиња. Сѐ уште не се познати причините за пожарите што се случија завчера во Маџари и во Радишани, но евидентно е дека чадот од нив, како и од горењето кабли и разни други отпадни материјали повторно го загадува воздухот. Токму затоа потребни се зачестени контроли и казни за потпалувачите.

Во Маџари гореше напуштен магацински руиниран објект за отпад на улицата Благоја Стефковски број 10/16. Од противпожарната заштита на градот Скопје информираат дека пожарот почнал во 16.02 часот, а бил изгаснат во 17.40 часот. Во гаснењето на пламените јазици учествувале четири противпожарни возила со осум пожарникари. Оттаму велат дека сопственикот на објектот им е непознат. Станува збор за опожарен руиниран стар објект за отпад на површина од 600 квадратни метри. Проценетата штета изнесува 50 илјади денари.

Противпожарната заштита полни раце работа имаше и вечерта во четвртокот, кога пожар избувна во скопската населба Радишани. Почнале да горат сува трева, а потоа и лозје спроти хотелот „Олимпија“, веднаш до реката Серава, каде што многу често тамошните жители фрлаат отпад и сѐ што им е непотребно во нивните домови. Пожарот избувнал во 17.50 часот и бил изгаснат до 20.30 часот. Од противпожарната служба велат дека сопственикот е непознат за нив, а не знаат и колкава е штетата и веројатно полицијата го истражува случајот. Опожарени биле 30 илјади квадратни метри. Во гаснењето на пожарот учествувале едно возило и четворица пожарникари.
Пожар завчера неколку минути по полноќ имаше и во Ѓорче Перов, а настанал од заборавено тенџере во стан на улицата Македонска војска
Територијалната противпожарна бригада на градот Скопје интервенирала со две возила и со пет пожарникари.