За првпат во историјата на Град Скопје денеска е напишана првата кривична пријава за неовластено фрлање смет. Станува збор за лице фатено на самото место, на улицата „Александар Урдаревски“ во општината Бутел, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на почетокот на денешната акција за чистење и уредување на јавните површини.

Големата акција за чистење и уредување на јавните површини ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини. Акцијата денеска се одвива во општините Кисела Вода, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Сарај.

-Станува збор за масовно чистење во кое се вклучени сите технички и човечки потенцијали на градот и на јавните градски претпријатија, помогнати од општините. Во секоја општина веќе се поставени по три пункта за одлагање кабест отпад каде што граѓаните ќе можат да го остават својот отпад од ваков тип. Оваа акција ќе биде проследена и со засилен инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места, рече Шилегов.

Акцијата за чистење и уредување на градот ќе опфати расчистување на дивите депонии, метење и миење на сите градски и општински улици, кастрење дрвја и косење трева и пополнување ударни дупки. Во општината Кисела Вода денеска ќе бидат расчистени неколку диви депонии, ќе се чисти Усјанскиот канал, ќе се пресечат неколку стари и исушени дрвја, а ќе бидат исчистени и повеќе улици.

Акцијата за генерално чистење на Скопје продолжува и утре, во другите пет градски општини.