Општина Центар во соработка со здружението Банка за Храна Македонија (БХМ) и овој месец продолжува со спроведување на проектот „Нула Глад“.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претставникот на Банката, Душко Христов, денеска пред просториите на Јавното претпријатие „ПОЦ“, поделија 150 пакети со прехранбени производи на жители на општината од семејства со висок социјален ризик.

-Проектот го почнавме за да им помогнеме на оние на коишто сме им најмногу потребни. Наместо еднократно, отсега овие граѓани секој месец ќе добиваат социјални пакети со масло за јадење, брашно, супи, јајца и останати прехранбени производи кои ќе им овозможат полесно да го поминат месецот, изјави Богдановиќ.

„Нула Глад“ на глобално ниво има за цел да го искорени гладот, да го реши проблемот со неухранетоста и да воспостави одржлив и инклузивен прехранбен систем. Општина Центар е првата општина во Македонија која го спроведува овој проект.

Општина Центар го спроведува проектот во соработка со здружението Банка за Храна Македонија, а во соработка со маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит-Го.