Фото: Игор Бансколиев

И покрај големата фама што се крена во јавноста околу тоа дали треба или не треба градот да биде новогодишно украсен, сепак голем број од граѓаните, кои ги анкетира екипата на „Нова Македонија“ на оваа тема, сметаат дека иако можеби треба да биде поскромно, сепак новогодишното украсување му е потребно на Скопје. Анкетата покажа дека граѓаните сѐ уште носат во себе силен оптимизам, верба и надеж дека
наредната година ќе ни донесе нови поубави моменти, на здравствен, финансиски, па и на внатрешен и надворешнополитички план

ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА и организирањето на новогодишните прослави на јавни простори

Енергетската криза, за жал, успева да влијае на свечените „светлини на градот“ на плоштадите, булеварите, улиците, објектите во пресрет на еден од најубавите периоди од годината – Нова година. Новогодишното украсување во главниот град можеби нема да го достигне полниот сјај поради недостигот од електрична енергија, поради финансиската криза, како и поради пандемијата… Општините во градот Скопје донесоа одлука новогодишното украсување да го остават за подобри времиња. Освен Град Скопје, под чија надлежност се плоштадот „Македонија“ и главните сообраќајници и булевари, другите плоштади и улици ќе останат без китнестиот новогодишен декор.

ЗАПОЧНА УКРАСУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

И покрај раскинувањето на тендерот за украсување на градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска сепак нема да ги остави скопјани без новогодишниот китнест декор. Плоштадот во централното градско подрачје ќе биде украсен, како и голем дел од другите сообраќајници што се под директна надлежност на градските власти. Како што истакна Арсовска, годинашното украсување на градот ќе биде со големо растоварување на градската каса, бидејќи истото тоа ќе биде направено со помош на општествено одговорни компании.
– На 10 декември започнува да се украсува градот Скопје за Нова година. На повикот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, до компаниите да покажат општествена одговорност за време на здравствено-економска и енергетска криза, се јавија компании заинтересирани да помогнат. Новогодишното украсување ќе се изврши без пари и без понатамошни финансиски импликации кон градскиот буџет – информираа градските власти.
Оттаму додадоа дека и оваа година ќе се организира „Винтерленд“.
– Во однос на целата постапка за организирање на „Винтерленд“ и буџетските средства се поминати на Советот во буџетот за изминатата 2020-2021 година. „Винтерленд“ е предвиден во програмата со буџет значително помал од 2019 година. Сега буџетот со ребалансот е намален за трипати и од првичните шест милиони е намален на два милиони денари за организација на целиот настан. На 8 декември завршува јавниот повик за одржување на овој настан, по што јавноста ќе биде информирана за сите детали поврзани со новогодишниот базар – велат од Градот.
За радост на децата на градскиот плоштад, како и секоја година така и оваа, во рамките на „Винтерленд“ ќе има ликови на Дедо Мраз со кои најмалите ќе се фотографираат и ќе добиваат новогодишни пакетчиња.
– И оваа година, како и изминатите неколку години дозволите за Дедо Мраз на скопскиот плоштад се регулирани во рамките на „Винтерленд“. Град Скопје отпочна постапка во согласност со која од следната година, базирано врз анализа, ќе се предвидат измени во постапката за доделување дозволи – велат оттаму.

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК САКААТ ДА СЕ УКРАСУВА

И покрај големата фама што се крена во јавноста околу тоа дали треба или не треба градот да биде новогодишно украсен, сепак голем број од граѓаните, кои екипата на „Нова Македонија“ ги анкетира на оваа тема, сметаат дека иако можеби треба да биде поскромно, сепак новогодишното украсување му е потребно на Скопје. Анкетата покажа дека граѓаните сѐ уште носат во себе силен оптимизам, верба и надеж дека наредната година ќе ни донесе нови поубави моменти, на здравствен, финансиски, па и на внатрешен и надворешнополитички план.
– Да, сите сме свесни дека е голема енергетска и финансиска криза. Сите живееме во истите околност, како за сите така и за градот и општините. Но сепак, овој период од годината е еден од најрадосните за дечињата, па и за нас постарите, нивните родители, бабите и дедовците. Во ова сивило кога владее толку лоша енергија на информации, беспарица, а да не ја заборавиме ниту здравствената криза што на сите ни тропа на врата, убаво е да имаме мала можност да избегаме од реалноста и да поуживаме во новогодишното шаренило на детска безгрижност – вели Верче Трајановска.
Многумина од граѓаните исто така ја поздравуваат одлуката за давање на наменетите средства за новогодишно украсување за граѓаните од социјално ранливи категории.
– Треба да бидеме свесни дека сме сиромашна држава во која голем дел од населението едвај преживува и најновогодишно однесување од сите нас ќе биде да бидеме хумани и да им помогнеме на нашите сограѓани. Затоа и ја поздравувам одлуката да се заштеди и средства да се пренаменат за оние на кои им е најпотребно – вели Саше Стојковски.
Сепак, големо влијание има и енергетската криза, па токму затоа граѓаните велат дека не треба да се расфрламе со средствата за кои сите ние ќе плаќаме.
– Сосема е рационално и исправно да не се однесуваме со електричната енергија како да утре ќе нема. Ситуацијата е таква каква што е. Увезуваме скапа струја, а украсувањето ќе биде крајно недомаќинско однесување. И јас уживам во Нова година, но во вакви услови, најдобро е да штедиме колку што можеме – вели Благоја Милевски.

УКРАСУВАЊЕТО НА ОПШТИНИТЕ ЌЕ ЧЕКА ПОДОБРИ ВРЕМИЊА

Скопските општини оваа година нема да ги украсуваат сообраќајниците и плоштадите што се во нивна надлежност.
Многу од општините информираа дека поради енергетската криза, ќе го остават украсувањето за подобри времиња.
Жителите на Кисела Вода, наместо новогодишно украсување, со средствата наменети за тоа ќе добијат пренамена и истите тие ќе се трошат за голем број проекти, меѓу кои има и капитални проекти. Граѓаните силно ја поддржуваат и охрабруваат ваквата одлука.
– Со оглед на финансиската и енергетската криза во која се наоѓа државата, Кисела Вода, во координација со Град Скопје, донесе одлука да не троши финансиски средства од својот буџет за предновогодишно китење на јавните површини во општината. Во фаза на подготовка е новиот буџет за 2022 година, во кој во согласност со Програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе бидат предвидени голем број проекти, некои од нив и капитални, па сите финансиски средства ќе бидат насочени кон нивна реализација – информираа од Општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека во поглед на новогодишните празнувања, планиран е Новогодишен хуманитарен базар во паркот „Шопен“, на кој ќе се продаваат изработки од дечињата од општинските градинки.
– Средствата од продажбата се наменети за лицата со попреченост „Куќа на среќата“. За децата со посебни потреби ќе се организира и приредба, на која ќе учествуваат и учениците од ДУРМДОВ „Димитар Влахов“, а обезбедена е и донација за пакетчиња – велат оттаму.
Новогодишно нема да се украсува ниту Општина Карпош, од каде што велат дека има повеќе причини за таквата одлука. И во таа општина, градоначалникот Јакимовски има поразлични иновативни идеи во функција на карпошани.
– Новиот градоначалник Стевче Јакимовски, кој стапи на функција на четврти ноември, оцени дека нема потреба од распишување тендер од три причини. Прво, поради прекраткото време за распишување на тендерот, второ, поради најавите за енергетска криза во државата и трето, поради заштеда на средства од буџетот на Општината – велат од Општина Карпош.
И од Општина Ѓорче Петров информираа дека енергетската криза е најголемата причина за неукрасувањето на општината. Но градоначалникот вели дека никако нема да ги заборави да ги развесели најмладите ѓорчепетровци за празниците.
– Имајќи ги предвид енергетската криза што е во тек и повисоките цени за набавка на електрична енергија, како и во согласност со одлуката на Владата за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, годинава нема да склучиме договор за новогодишно украсување. Со оглед на состојбата со буџетот и задолжувањата со кои се соочуваме, овие средства, кои претходно се трошеле за вакви намени, ќе останат во буџетот за поприоритетни потреби на граѓаните на Ѓорче Петров – велат оттаму.
Од Ѓорче Петров додаваат дека ќе бидат поделени пакетчиња за првоодделенците, а за социјално-ранливите групи, ученици и жители, општината обезбедила спонзори, односно општествено одговорни фирми преку кои биле обезбедени прехранбени пакети за лица со тешкотии во развојот и за социјално-загрозените жители.
– За децата со посебни потреби од спонзорства обезбедивме прехранбени и хигиенски артикли и новогодишни пакетчиња. Нема да бидат заборавени ниту семејствата на бранителите.
По повод претстојните празници, Општината ќе организира и настани на кои ќе учествуваат родителите и месното население. Во план е да се соберат финансии што ќе бидат наменети за деца на самохрани родители. Училиштата на територија на Општина Ѓорче Перов ќе бидат украсени – информираа од Ѓорче Петров.

[email protected]