Фото: Игор Бансколиев

Улицата Никола Карев или позната како пластичарска улица ќе се проширува и тоа во неколку фази. Како што најавуваат од градот, првата фаза на реконструкцијата ќе започне наредниов период, но оттаму не дефинираат ниту датум, ниту месец од кога ќе почнат работите. Иако поставивме конкретни прашања што предвидува проектот за проширување на оваа сообраќајница, во колкава должина и ширина ќе се прошири, од кога ќе започнат активностите и до кога ќе траат, од градот – молк. Не ни кажаа ниту колку ќе чини проширувањето.

– Проектот за проширување на улицата Никола Карев ќе се одвива фазно, а во моментот кога ќе започнат активностите тие ќе бидат презентирани во јавноста. Во наредниов период ќе започне првата фаза на проектот, која ќе се одвива до клучката Детелина во близината на Бит-пазар, до касарната „Илинден“ – само кратко ни одговорија од градот.

Во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, јавно кажа дека утредента по неговото гостување, односно во четвртокот, треба да почне електронската лицитација за изведувач на проширувањето на пластичарската улица. Тоа значи дека се веќе познати деталите за тоа какви промени ќе претрпи оваа сообраќајница. Но ако реконструкцијата на оваа улица беше проект на поранешниот градоначалник Коце Трајановски и истиот тој има претрпено измени, од градот не ни одговорија ниту за тоа во што се состојат измените на проектот и дали тој сега чини помалку или повеќе од претходно.