Пешаците не ризикуваат, чекаат прво да поминат автомобилите Фото: Дарко Андоновски

Во секој град уличните пешачки премини претставуваат безбедносна зона за пешаците. Но во Скопје не е така, токму на пешачките премини граѓаните најмногу внимаваат, бидејќи искуствата покажуваат дека на овие зони некои несреќи завршиле со трагичен епилог

Често може да се забележи како пешаци на пешачки премини ги чекаат забрзаните автомобили најпрвин да поминат тие, а потоа да се осмелат да зачекорат преку обележаниот коловоз за да поминат улица. Во многуте вакви ситуации низ градските улици, евидентно е дека возачите ретко им даваат предност на пешаците.
Ваквата сообраќајна култура, која подолг период ја забележуваме во градот, има свое правило, кое вели автомобилите први.
– Ова не е единствениот проблем на пешаците во градот, бидејќи тие се изложени и на друга опасност од автомобилите поради избледени или необележани пешачки премини. Тие оддалеку се невидливи за возачите што возат брзо, а со тоа пак повторно се загрозува безбедноста на пешаците – вели Стојан Пандев во неговото писмо што стигна до нашата редакција.

Според секојдневното однесување на жителите во градскиот сообраќај, со сигурност може да се заклучи дека севкупната сообраќајна култура во градот е на многу ниско ниво. Голем број возачи не ги почитуваат сообраќајните правила и на тој начин ги загрозуваат и другите учесници во сообраќајот. Во секој град уличните пешачки премини претставуваат безбедносна зона за пешаците. Но во Скопје не е така, токму на пешачките премини граѓаните најмногу внимаваат, бидејќи искуствата покажуваат дека на овие зони некои несреќи завршиле со трагичен епилог.
– Не се многу оние возачи што ги почитуваат пешачките премини и застануваат пред нив. Тоа важи и за возачите што возат по правите улици и за оние што сообраќаат по кружните текови – вели нашиот читател Пандев.

Неодамна во општината Центар, на неколку улици пред неколку пешачки премини, се поставени предупредувачки сообраќајни ознаки. Но тие се поставени веднаш до преминот, така што возачите не можат навреме да ги забележат, а ако се забрзани, тешко можат да ги запрат своите возила. Од градот Скопје, пак, велат дека во согласност со правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот, според членот 90, подземен или надземен пешачки премин се поставува само непосредно пред обележаниот пешачки премин или премин над нив. Може да се забележи дека доколку се вози со дозволената брзина во градска средина, која изнесува 50 километри на час, возилото би можело лесно и брзо да се приспособи на намалување на брзината и сопирање пред пешачки премин. Проблемот настанува кога не се почитуваат пропишаните брзини. Почитувањето на сообраќајните правила и подигнувањето на сообраќајната култура се особено важни. Во септември годинава се случи тешка сообраќајна несреќа на Илинденска, во близината на средното училиште „Орце Николов“. Мотоциклист на пешачки премин повреди четири пешаци, жени. При несреќата пешаците добија тешки телесни повреди.

Евидентен е и вториот проблем. На многу скопски улици пешачките премини не се видливо обележани со бела боја. Такви се улиците во централното градско подрачје, но оваа состојба се забележува и на другите улици во градот, како на Васил Ѓоргов, Рузвелтова, Јуриј Гагарин, Димо Хаџи Димов, Христо Татарчев, Народен фронт и многу други. Од градот не ни одговорија дали имаат добиено поплаки од граѓани за необележани или избледени пешачки премини. Во однос на реобновување на избледените пешачки премини, од градот Скопје нѐ упатија на програмата за одржување, проектирање и изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на подрачјето на градот Скопје.
– Хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се поставуваат во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Бележењето на коловозите и пешачките патеки се одвива во континуитет на сите сообраќајници што се во надлежност на градот Скопје. Сите работи ги извршува јавното претпријатие „Улици и патишта“, во согласност со годишната програма за одржување, проектирање и изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на подрачјето на градот Скопје, донесена од страна на Советот. В согласност со оваа програма, одржувањето на сообраќајната сигнализација се врши во континуитет, а истата таа се извршува редовно, периодично и интервентно. Доколку граѓаните имаат замерка за поставената сигнализација, за тоа нека контактираат со секторот за сообраќај на градот Скопје – упатуваат од градот Скопје.

Нашиот коментар на сите овие изјави би бил дека сето ова што го кажуваат надлежните убаво звучи напишано на хартија, но факт е дека премините и улиците не се доволно обележани, ниту хоризонтално ниту вертикално. Во развиените градови знаците се видливи и се обновуваат секоја година. Скопје тука штеди, иако боењето на улиците и премините е сосема мала инвестиција. Се штеди на штета на безбедноста на граѓаните. Не треба да се заборави и тоа дека во развиените земји, и сообраќајната култура на возачите е на високо ниво, автомобилите застануваат на пешачки премин, но и на коловозна лента кога ќе забележат пешак. Пешаците претставуваат ранлива група и имаат предност во сообраќајот. Возачите треба да внимаваат на пешачките премини, но и градските и општински власти да се погрижат да ги решат овие прашања. Пешачките премини да не бидат зона на стравот, туку вистинска зона на сигурност и безбедност.


Во полициска акција казнети 62 возачи за брзо возење

Во тридневна полициска акција се фатени 62 возачи што управувале возила со поголема брзина од дозволената. СВР-Скопје ја реализира акцијата изминатиот викенд, на 15, 16 и 17 ноември.
Од сообраќај беа исклучени 85 возачи, од кои 28 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 48 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување моторно возило и девет возачи почетници. Наедно санкционирани се 14 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, пет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци и исто толку возачи поради неправилно престројување. Четири возачи добиле казна поради неправилно престигнување, три возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, а седум возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување моторно возило. Дури 32 возачи добиле казна затоа што користеле мобилен телефон додека управувале возило. Во истиот период се изречени 231 казна, а 130 возила се подигнати со специјално возило „пајак“.