Фото: Игор Бансколиев

И покрај казните и акциите на пајакот, тротоарите се преполни со автомобили. Во периодот од 1 јануари до 31 март годинава, Одделението за безбедност на патниот сообраќај има изречено 3.041 мерка за прекршоци за непрописно паркирање возила. Од нив 2.056 возила се подигнати

Нема спас од паркираните возила на тротоарите и на градските улици. Секое утро тротоарите на улицата Рузвелтова се преполни со автомобили, а од десната страна на тротоарот, почнувајќи од вкрстувањето со Партизански одреди до семафорите на Теодосиј Гологанов речиси е невозможно пешаците да најдат простор на пешачката зона. Граѓаните повеќе одат по коловозот на улицата, отколку по тротоарот или тоа го прават заобиколувајќи ги постојано паркираните автомобили и џипови пред локалните кафулиња и фирми. Ништо не е подобра ниту ситуацијата на Партизански одреди, особено во делот кај што се кафулињата близу фурната „Силбо“ и отспротива кај Универзалната сала. Така е и на Васил Ѓоргов, Цветан Димов и на многу други сообраќајници во градов каде што во некои периоди не може да се разминат две возила.

Иако интервенциите на пајакот се многу чести на овие делови од градот, сепак несовесните возачи ги повторуваат упорно своите навики. Според информациите од Министерството за внатрешни работи во периодот од 1 јануари до 31 март годинава, Одделението за безбедност на патниот сообраќај има изречено 3.041 мерка за прекршоци за непрописно паркирање возила. Од нив 2.056 возила се подигнати со пајакот. Казната за паркирање на пешачка зона е 180 евра, а на велосипедска патека 40 евра. Казната за оние што се паркираат на коловоз изнесува 45 евра.
За да го спречат паркирањето на пешачките зони, градските власти на дел од улиците поставуваат метални столпчиња, кои се единствениот начин да ги спречат недисциплинираните возачи.

– Градот Скопје обрнува внимание за ослободување на јавните површини, како и пешачките и велосипедските патеки од паркираните возила. Заедно со ЈП „Улици и патишта“ таму каде што дозволуваат условите, поставуваме заштитни столпчиња на тротоарите. Во однос на пешачките и велосипедските патеки, како и сообраќајниците, истите тие се во надлежност на сообраќајната полиција, па за нивното отстранување се користат нашите (и на ПОЦ) пајак-возила, а во акциите мора да учествуваат и претставници на МВР – велат од градот Скопје.

Обврската што ја имаат граѓаните, односно сопствениците на возилата, кон ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, по отстранување на непрописно паркирано возило, изнесува 2.500 денари. Во месец март, во соработка со сообраќајната полиција, се отстранети вкупно 1.440 непрописно паркирани возила од тротоарите и сообраќајниците на територијата на градот Скопје, информираат од пајак-службата на ЈП „Градски паркинг“.

[email protected]