Пред два дена, 16-годишната климатска хероина, Грета Тунберг, им соопшти на нејзините милиони следбеници на социјалните мрежи дека под притисокот на нејзиното движење за климатска правда Fridays For Future (Петоци за иднината), средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на ОН, каде викендов ќе се одржи големиот самит за климатски промени.

Според очекувањата, по оваа одлука, повеќе од два милиона млади ќе излезат на улиците на Менхетн.

Следејќи го примерот на Грета, припадниците на движењето „Петоци за Иднината Скопје“, бараaт од средните училишта во главниот град да се солидаризираат со глобалниот настан и да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена во петок (20. спептември), за да можат да присуствуваат на протестот пред Владата со почеток во 13 часот.

– Добивме десетици пораки од наши соученици кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа. Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта – се наведува во соопштението на движењето.

Во него се додава дека во овој случај не станува збор за обично отсуство, или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно.

– Не им ставајте неоправдани изостаноци на вашите деца, туку напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со нивните врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што нѐ опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи – порачуваат „Петоци за Иднината Скопје“.

„Петоци за Иднината Скопје“ ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата Недела за Иднината. Сепак, како  што велат од таму, протестот во петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и младите во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21. век, и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање.

– Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години. Обидете се како образовен кадар да им овозможите на вашите ученици да ја доживеат возраста која вие ја имате – апелираат од движењето до наставниот кадар во средните училишта.