Пиротехника слободно се продава на пазарите, Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бит-пазар е преполн со продавачи на пиротехнички средства. Иако е противзаконски, тие слободно продаваат петарди и ракети, како што се продаваат и многу други дреболии на импровизираните тезги по тротоарите. Продавачите својата пиротехника ја нудат и од најлонски ќеси шетајќи низ пазарот, без страв дека некој може да ги казни. Тие се заинтересирани само да остварат што е можно поголема продажба. Пукањето на петардите веќе се слуша по населбите и ги вознемирува граѓаните. Но, покрај звукот од силната експлозија, вознемирува фактот дека најчесто овие пиротехнички средства се непожелна играчка во рацете на децата, на најмладите, кои воопшто и не се свесни за последиците што можат да ги предизвикаат ако случајно испукаат пред нивните очи или во нивните детски раце. А имало случаи кога деца добиле тешки изгореници на дланките, па дури и губеле делови од дланката. За да не се случат вакви несакани последици, општината Кисела Вода, во соработка со Министерството за внатрешни работи, СВР-Скопје почна кампања во основните општински училишта, во кои се држат едукативни предавања за да се спречат несакани последици. Но дали е доволно родителите да им забранат на своите деца да купуваат петарди и да се спроведуваат вакви кампањи или, пак, треба да се засилат контролите за нивното нелегално влегување во земјава. Треба ли сета оваа пиротехника да биде леснодостапна во продажната мрежа за да може да ја купи кој сака.

– Не можам да се изначудам како може на пазар да се продаваат петарди, како да се обични безопасни играчки. Дали некој ги санкционира овие продавачи и може ли да им ја одземе стоката што ја продаваат? Ме зачудува и фактот кога ќе видам како некои возрасни им купуваат на своите деца, па дури и деца доаѓаат и сами купуваат. Ова лудило од петарди пред Нова година може да го запрат само полицијата и царината. Да се забрани влез на овие опасни играчки – вели една загрижена скопјанка.
Од Царинската управа велат дека во согласност со позитивното законодавство на Република Македонија, петардите претставуваат експлозивни материи и нивното неовластено изработување, држење, продавање и набавување е казниво, што е пропишано со членот 396 од Кривичниот законик на Република Македонија. За увоз на наведените производи е потребно поседување одобрение, односно дозвола за увоз, која ја издава Министерството за внатрешни работи. Од Царинската управа велат дека немаат надлежност во делот на правата за продажба на овие производи, но затоа упатуваат апел до граѓаните од целава земја да доставуваат информации за недозволено и нелегално внесување петарди и други стоки со јавување на бесплатниот телефонски број 197.

– Досегашното искуство на царинските работници и реализираните заплени укажуваат дека петардите најчесто се носат од Турција, а во Македонија се внесуваат преку источната граница, на граничните премини Деве Баир, Делчево и Ново Село. Меѓутоа, оперативните информации и сознанија упатуваат на фактот дека, вообичаено, шверцерите ги избегнуваат официјалните гранични премини и петардите ги внесуваат преку нелегални премини.

Со оглед на тоа дека во овој период може да се очекува интензивирање на недозволеното внесување петарди, не сме во можност да направиме моментално сумирање на податоците за реализираните заплени, бидејќи ваквите податоци нема да дадат вистинска слика за зачестеноста на шверцувањето на овие производи – велат од Царинската управа.

Од Пазарната инспекција тврдат дека тие не се надлежни за продажбата на ваквата пиротехника, туку одговорни се од МВР.
– Во согласност со одредбите од Законот за заштита од експлозивни материјали, надлежен орган што ги контролира производството, прометот и складирањето на петардите и другите пиротехнички средства е Министерството за внатрешни работи. Ние немаме надлежност во спроведувањето на овој закон – велат од Државниот пазарен инспекторат.

Ги прашавме во СВР-Скопје дали полицијата ја контролира продажбата на петарди и други експлозивни материјали и како постапува во такви случаи и дали можеби можат да ни кажат бројка колкумина што неовластено продаваат пиротехника досега се санкционирани. Оттаму сѐ уште ги сумираа бројките по полициските станици и до затворањето на весникот не можеа да ни достават конечна информација.

Од МВР велат нивната цел е обезбедување на општата безбедност во заедницата и одржување на задоволувачко ниво на јавниот ред и мир, за граѓаните новогодишните и божиќните празници да ги поминат мирно. Токму поради тоа, акцентираат дека Одделението за превенција при СВР-Скопје веќе традиционално и годинава организира кампањата „Среќна и безбедна 2019 година – петардите не се играчки“, која почна во ТЦ „Сити мол“ уште на 7 декември, а во соработка со десет училишта од Карпош.

– Во соработка со Црвениот крст на градот Скопје, СВР-Скопје, Одделението за превенција продолжува со кампањата со симулациски вежби за укажување прва помош на повреда добиена од употреба на пиротехнички средства во повеќе средни и основни училишта на подрачје на градот Скопје во текот на месецов. СВР-Скопје, покрај превентивните активности, во согласност со законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и постапка за приредување огномет, факелијада или слични приредби презема и засилени мерки во согласност со членот 31 од наведениот закон, кој вели дека на тој што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или леснозапаливи материјал или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност – велат од СВР-Скопје.Фо