Фото: Маја Јаневска-Илиева

Специјалните пајак-возила само за седум дена од јавните површини подигнале 120 непрописно паркирани возила. Изминатата недела, од 26 август до 1 септември, од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 49 биле отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 71 возило се по налог на сообраќајната полиција по основа на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, на велосипедска патека, на пешачки премин, на тротоар, на зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 305 возила, поради нерегулирано паркирање, поточно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 49 возила се отстранети со пајак-службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.
Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да ги чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.