Патници на ЈСП секој ден доживуваат кошмарни патувања Фото: Дарко Андоновски

И покрај тоа што требаше да се реализира акција за кастрење на уличните дрвореди, по барање на ЈСП „Скопје“, дрвјата останаа непоткастрени. Тие се проблем на многу сообраќајници низ градов, а од ударите од гранките патниците се преплашени

Скопјани што се возат во двокатните автобуси на јавното сообраќајно претпријатие и седат на вториот кат доживуваат стрес од силните удари од гранки по прозорските стакла од непоткастрените уличните дрвореди. Многупати се случува патниците да се преплашени, мислејќи дека можеби нешто страшно се случило. Имало и сведоци на кршење прозорски стакла на возилото, поради што некои од патниците почувствувале страв како од сообраќајна несреќа.

Непоткастрените гранки се проблем и за возачите, кои по улиците каде што нема сообраќаен метеж се обидуваат да возат малку подалеку од уличните дрвореди. Најверојатно веќе ги знаат критичните улици, а, за жал, такви има многу низ градов.
И покрај тоа што требаше да се реализира за акција кастрење на уличните дрвореди, по барање на ЈСП „Скопје“, дрвјата останаа непоткастрени. Тие се проблем на многу сообраќајници, како на пример на улицата Методи Митевски во населбата Топанско Поле, како и на Кристијан Тодоровски-Карпош во Чаир, а проблем е и дрворедот на постојката кај паркот „Жена-борец“, како и дрворедот на градската улица Димитрие Чуповски, во делот на гимназијата „Јосип Броз“ и кај „Просветно дело“. Гранки удираат во автобусите и на Васил Ѓоргов во скопската населба Капиштец, потоа на булеварот Кочо Рацин, а проблематични се и дрвјата кај Комплекс банки, кај ТЦ „Скопјанка“, спроти ТЦ „Три бисери“ и на многу други скопски улици. Зошто, и покрај најавата и барањето на ЈСП да се поткастрат уличните дрвореди, акцијата не е реализирана одговор побаравме од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, од каде што ни беше речено дека кастрењето одело по списокот што го добиле од ЈСП-Скопје. Работите не биле довршени поради тоа што расположливиот кадар бил насочен на сечење суви и опасни дрвја. Во превозното претпријатие, пак, побаравме да ни кажат колку автобуси имаат со оштетени стакла поради непоткастрените дрвореди и колкава е претрпената штета во паричен износ.

– Завчера бев сведок на силно удирање на гранките од дрвјата во прозорските стакла на двокатниот автобус со бројот 5. Прозорското стакло испука веројатно по многуте претрпени удари во секојдневното кружење на возилото, по што сигурно не издржа и пукна. Бидејќи некои од патниците не видоа што се случи, а слушнаа силен удар, помислија дека се случи сообраќајна несреќа. Видно беа исплашени и не можеа да си дојдат на себе. Среќа што поради жештиниве носеа вода, за да се освежат. Но патниците не се виновни за да трпат вакви стресови поради нечија неодговорност – вели револтирана скопјанка, редовна патничка во автобусите на ЈСП.

Од „Паркови“, пак, тврдат дека во изминатиов период ја реализирале акцијата за кастрење на гранките на дрвјата на локациите на трасите на движење на автобусите по главните булевари и улици што им биле доставени од страна на ЈСП и дека таа ќе продолжи.

– Со акцијата беа опфатени и дел од страничните улици каде што се движат автобусите. Акцијата не ја реализиравме во целост поради намалениот капацитет со работници за годишните одмори и потребата од итно и неодложно реагирање на одредени локации со суви, заболени и опасни дрвја, така што во наредниов период ќе продолжиме да работиме во делот од помалите улици што не беа опфатени. ЈСП од нас нема побарано отштета за искршени стакла – тврдат од ЈП „Паркови и зеленило“.
Од ЈСП потврдуваат дека во периодот мај-август се регистрирани три двокатни автобуси со напукнати ветробрански стакла од гранки од дрвја што се наоѓаат на трасата на автобуските линии.

– Ветробранските стакла се заменети со нови, а штетата е исплатена преку осигурителна компанија. Од пред два месеца започна интензивна акција на „Паркови и зеленило“ за кастрење на гранките на дрвјата на трасите на автобуските линии. Според анализи на ЈСП-Скопје, поткастрени се сите крошни на потегот Автокоманда – Бит-пазар – Сарај, Пинтија – Драчево и делови во централното градско подрачје – велат од ЈСП.

Инаку, со акцијата за поткастрување гранки на уличните дрвореди требаше да бидат опфатени трасите по кои поминуваат автобуските линии со броевите 2, 3, 4, 5, 7, 8, 9, 16, 10 и 57. Истовремено, требаше да бидат поткастрени гранки на велосипедските и пешачките патеки, но велосипедистите тврдат дека и тие сѐ уште имаат проблем.