Фото: Дарко Андоновски

Xристијан Јосифовски

Автобуските станици се полни со прашина и со кал. Постарите и лицата со тешкотии не можат долго да стојат и сакаат да седнат, но не на нечистите и извалкани клупи. Понекогаш тие се калливи или мокри по секој дожд, како на пример автобуската станица на улицата Јордан Мијалков. Таа е преблизу до коловозот, па возилата што возат со голема брзина постојано ги прскаат и клупата и патниците што чекаат автобус. Скопјани коментираат дека нечистите клупи не треба да се дел од сликата за автобуските станици во една метропола.

Токму затоа некој треба да се грижи за подобро да се одржува хигиена на автобуските станици во градов, а граѓаните, пак, да не ги валкаат намерно. И не е само хигиената проблем забележуваат други, туку и тоа што од облепените стаклени ѕидови со реклами на автобуските станици, патниците не можат да видат кој автобус доаѓа. На други, пак, им пречи тоа што некои автобуски станици се премногу оддалечени од коловозот, па било да е врнежливо или сончево принудени се да излегуваат на велосипедските патеки, па се случува гледајќи на коловозот да се испречат пред некој забрзан велосипедист. Оние, пак, на кои најмногу им пречи нехигиената велат дека наместо да седнат, принудени се да стојат додека чекаат автобус. Некој, децидни се граѓаните, мора да ги чисти автобуските станици и да се грижи за нив.

Од Јавното сообраќајно претпријатие информираат дека тие се одговорни и се грижат за хигиената на автобуските станици. За тоа, велат, имаат посебно одделение, а тоа располага со специјално комбе и со соодветна опрема. На терен излегуваат пет оперативци, кои се задолжени за чистење по однапред утврдена динамика. Во просек на дневно ниво се чистат по дваесетина автобуски станици, тврдат од претпријатието.
– Секој ден сум на автобуските станици низ градов. Наместо да седиме на поставените метални клупи ние стоиме до нив затоа што се многу валкани. Има многу пензионери, кои не ги држат нозете, па додека чекаат автобус некогаш и по дваесетина минути, сакаат да седнат на клупите, а тие не се секогаш чисти – вели Маре Николова.
Нејзин сограѓанин вели дека би сакал автобуските станици да ги чистат почесто и додава дека на хигиената треба повеќе да внимаваат и граѓаните.
– Кога врне улиците се полни со вода, а сите што возат пребрзо не внимаваат на оние што чекаат по автобуските станици. Тие се сместени удобно во своите автомобили, а од нивното брзо возење водата и калта од коловозите завршува на нас и на клупите на автобуските станици – се жали Добре Илиевски.

Иницијативата на ЈСП за создавање служба што ќе биде задолжена за одржување на автобуските станици, првично беше поради вандалските напади на инвентарот на новопоставените автобуски станици, а подоцна оваа служба доби и задача да се грижи и за хигиената на автобуските станици. Луѓето од ова одделение се вработени во ЈСП и нивната основната задача сега е да ги одржуваат чисти автобуските станици. Во моментов во градов има 496 градски и 505 приградски автобуски станици, а само петмина оперативци што треба да ги одржуваат. Тие секако физички не можат да стигнат да направат повеќе за да имаме почисти автобуски станици. Можеби е добро граѓаните што често се возат со автобус, но и вработените на ЈСП доколку забележат валкани автобуски станици да реагираат, па можеби и службите поадекватно ќе одговорат на задачите.