Во иднина граѓаните нема да дозволат градби како пред „Мајчин дом“ - Фото: Дарко Андоновски

Неможноста за навремено дејствување против прекумерното градење станбени објекти на парковски површини и реализацијата на ваквите детални општински планови ги принудија општините да наоѓаат алтернативни решенија за да го спречат хаосот во урбанизмот. Општината Центар донесе мораториум за реализација на ваквите урбанистички планови, а општината Аеродром во неможност да направи што било со парцелата кај „Мајчин дом“, реши во иднина во одлучувањето да вклучи и партиципативно тело од областа на урбанизмот, кое ќе има девет члена.
Веќе е познато дека Советот на општината Центар изгласа одлука за запирање на реализацијата на 31 детален урбанистички план. Од општината кажаа дека урбанистичко-планската документација за овие ДУП-ови не е во согласност со Генералниот урбанистички план. Деталните урбанистички планови се стари и планскиот период за кој се донесени е изминат.

Од друга страна, сега општината Аеродром воведува механизам во кој граѓаните ќе бидат вклучени во создавањето на урбанистичките планови на општината. Аеродром во иднина ќе се консултира со граѓаните и тие ќе бидат дел од одлуката дали некаде ќе се гради зграда. Со создавањето партиципативно тело од областа на урбанизмот, ќе им даде можност на своите жители просторно да ја креираат иднината на општината. Јавниот повик за учество во партиципативното тело официјално ќе биде објавен идната недела, а беше најавен на вонредната седница на општинскиот совет.

– Со формирањето на партиципативното тело, општината им овозможува на граѓаните директно да учествуваат во урбанистичкото планирање. Со овој механизам гарантираме дека „Мајчин дом“ никогаш повеќе нема да се повтори. Граѓаните и правните лица отсега ќе имаат можност активно да учествуваат во процесот на планирање и подготвување плански решенија за општината и да спречат обиди за узурпација на животната средина и носење штетни детални урбанистички планови од која било власт – велат од општината Аеродром.

Партиципативното тело ќе се состои од девет члена: еден од редот на членовите на Советот, двајца по предлог на облиците на месна самоуправа, двајца по предлог на здруженија на граѓани, двајца од здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот и двајца од областа на општинска администрација. Целата на партиципативното тело е да се спречат тајното носење на деталните урбанистички планови и узурпирањето на зелените површини. Од општината додаваат дека со овозможување заедничко носење на одлуките ќе се овозможат хумано живеење и подобри услови за сите граѓани на општината Аеродром.