Паркот спроти поликлиниката во Чаир доби цветен аранжман. Парковското зеленило на таканаречениот нов зелен плоштад во општината сега навистина блесна. Освен трева на површина од 3.500 квадратни метри, сега во форма на торта на катови подигнат е цветен аранжман од есенски расад од хризантеми и од љубичици. Ова е втор нов парк во Чаир, кој е подигнат досега, а е разубавен со цветен расад. Пред него беше подигнат „Паркот на НАТО“ на улицата Дижонска, кој има украсно зеленило и цветен аранжман.

Паркот спроти поликлиниката во Чаир беше запуштена парковска површина со тревник, кој со години не беше обновен. Исто така, тој дополнително беше уништен од градежните зафати на блиската станбена зграда, на која сѐ уште се работи на проширување на терасите и изградба на фасадата на објектот. На еден дел од него никна и нова станбена зграда. Сега оваа нова парковска површина блесна и стана новото катче, кое ги воодушевуваше вчера минувачите и граѓаните на Чаир.
Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ велат дека повеќе никаде во градов нема да оставаат само тревни парковски површини, туку дополнително ќе ги разубавуваат со цветни аранжмани во најразлични форми. Деновиве велат дека работат на ревитализација и на други тревни површини во градов, а минатата недела ги разубавуваа со љубичици и тревните појаси пред Владата на Република Македонија.

На влезот на Чаир на улицата Цветан Димов, пролетта беше поставена кошница со цветен аранжман, а потоа покрај со цвеќе, со куќичка од дрво беше дополнет и паркот во Чаир.
Чаирчани вчера, изразувајќи задоволство од новиот парк, беа јасни во ставот дека многу повеќе им требаат вакви содржини.