Екипите работат на терен на кастрење гранки и дрвја по претходно добиени решенија пд Секторот за комунални работи на Град Скопје / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Глобалните климатски промени со себе донесоа и радикални промени на времето, проследени со сѐ повеќебројни и поголеми временски непогоди. Така, и во нашиот главен град сѐ почесто сме сведоци на силни, уништувачки ветрови, поројни дождови, град, кои како појава во минатото ретко биле присутни. Сега тоа е сѐ почеста појава, а во нашиот главен град невремето знае да предизвика застои во сообраќајот, штета на сообраќајната инфраструктура, зградите и на индивидуалните куќи и автомобили итн. Во кои случаи надлежните им излегуваат во пресрет на граѓаните за надомест за обесштетување и каква е постапката за тоа?

Штетите направени на имотот на граѓаните како последица од разорните ветришта и временски непогоди сѐ почеста слика во Скопје

Девастирачките временски непогоди, кои во минатото беа карактеристика на одредени далечни региони во светот, кај нас сега предизвикуваат штети на јавниот и приватниот имот, оштетени покриви и ролетни од прозорци од високите згради, оштетени автомобили, откорнати дрвја и гранки што ги блокираат улиците. Ова е сѐ почеста слика во главниот град, во услови кога метрополата ќе ја зафати посилно невреме проследено со ветер, кој понекогаш достигнува брзина и до стотина километри на час. Речиси по секоја ваква природна непогода, екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ имаат полни раце работа. Така беше и неодамна, кога поројниот дожд турна дрвја што блокираа улици во скопска Автокоманда и во Бутел, но, за среќа, блокирани беа само улиците, без да биде причинета материјална штета.
Факт е дека Скопје има дрвја стари и по десетици години, па вработените задолжени за зеленилото низ градот ги обележуваат сите дрвја низ метрополата што се веќе стари и кои претставуваат опасност по животот и безбедноста на граѓаните. Меѓутоа тие не можат да знаат кога ќе се случи силно невреме и кое дрво ќе потклекне под притисокот на ветрот, па поради тоа се случува и некое од дрвјата да падне и да предизвика одредена материјална штета на сопственостите на граѓаните, за што, сепак, тие се обесштетуваат од страна на претпријатието.

Од претпријатието велат дека најчесто паѓаат зимзелените дрвја од видовите чемпрес и кедар и додаваат дека висината на износот за обесштетувањето зависи од вештачењето од овластен орган/институција, но и од големината на настанатата штета, која е различна од случај до случај.
За оваа година, како што информираат од „Паркови и зеленило“, претпријатието нема платено обесштетување. Надоместок за обесштетување се исплаќа само во случај кога дрвото што паднало е обележано, односно претпријатието има добиено решение за негово сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.
– Во случај на паднато дрво или гранка врз нечиј имот, напоменуваме дека е потребно да се испочитува постапката и оштетениот најнапред да ги извести МВР и ЈП „Паркови и зеленило“ за да се направат увид и записник на местото на настанот за констатација на состојбата.

Потоа самиот оштетен прави фотографии како доказ (доколку е во можност) и поднесува барање за обесштетување, по што се прави пријава на штетата што ја изработува лицето за осигурување од ЈП „Паркови и зеленило“, која потоа се доставува до осигурителната компанија со која е склучен договор за обесштетување. Доколку се работи за елементарна непогода, тогаш претпријатието не врши обесштетување – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.
По изработувањето на шестмесечниот извештај на задолжените служби од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за оваа година, констатирано е дека по невреме биле исечени вкупно 150 дрвја, а искастрени биле 38 дрвја.

– По пристигнати решенија од Град Скопје во првите шест месеци од годинава се исечени вкупно 96 дрвја, а искастрени се 94 дрвја. Колку дрвја ќе исечеме до крајот на годинава не може да кажеме бидејќи не знаеме дали и колку дрвја ќе паднат за време на евентуално невреме, кое не може да го предвидиме. Освен ова, не знаеме ниту колку граѓани ќе поднесат барања за сечење до Град Скопје и колку решенија за сечење ќе издаде Градот до крајот на годинава – информираат оттаму.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работат на терен на кастрење гранки и дрвја по претходно добиени решенија од Секторот за комунални работи на Град Скопје.
– Од Секторот за комунални работи на Град Скопје издаваат решенија врз основа на состојбата на терен (исушени дрвја, оштетени од невреме, редовно кастрење), како и врз основа на барања на физички и правни лица.

За време на поголеми невремиња се случува гранки и дел од дрвја да паднат и да предизвикаат материјална штета, по што на терен излегуваат екипите на кризниот штаб на Град Скопје и ги отстрануваат истите тие. Во текот на 2019 година Град Скопје нема добиено тужба од ваков вид, а најчесто предмет на тужбата е ЈП „Паркови и зеленило – велат од Град Скопје.