Фото: Маја Јаневска-Илиева

Паркирањето во населбите стана вистински проблем. Поради недостиг од паркинг-места и сервисните улици се наполнија со паркирани возила. Надлежните велат дека ги бараат сите можни начини да се ползува корисно секој простор. Се планираат и се градат дополнителни мали паркинзи, кои, секако, многу помагаат за растоварување на сервисните улици и за проширување на капацитетите за паркирање. А таму каде што тоа е невозможно, постојат и други решенија

Апели до општинските администрации за
порешителна потрага по паркинг-решенија

Се наполнија тротоарите со паркирани автомобили, како и половината од коловозните ленти на сервисните улици во населбите. Поради тоа не можат да се разминат две возила. Проблемот со недостиг од паркинг-места е актуелен речиси во сите градски населби. На пример, дури комични се ситуациите кога граѓани демнат од своите тераси дали ќе се ослободи некое паркинг-место за да може да го сместат својот автомобил. Поради овој хроничен проблем со недостиг од паркинг-места, граѓаните сѐ почесто им обрнуваат внимание на надлежните во администрациите на локалните самоуправи со свои предлози, сугестии и интересни иницијативи. Од некои скопски општини велат дека проблемите со паркинг-капацитетите ги решаваат во зависност од можностите, од просторите што најлесно можат да се претворат во дополнителни мали паркинзи за да го растоварат паркирањето на локалните сервисни улици, а некои, пак, планираат поставување монтажни катни гаражи.

Што откри нашето истражување на овој проблем во Општина Кисела Вода и во Општина Чаир

– Во насока на наоѓање решение на проблемот со паркирањето, Општина Кисела Вода во населбата Расадник оваа година ќе постави монтажна катна гаража, која ќе биде со површина од околу 1.500 квадратни метри – информираат кратко од локалната самоуправа на оваа скопска општина.
Со недостиг од паркинзи се соочува и Општина Чаир, а надлежните етапно дел по дел по населбите наместа го решаваат проблемот наоѓајќи соодветни локации за паркиралишта. Се градат нови паркинзи во населбата Стар Чаир, каде што дел од парковските површини и дел од оние слободни површини се претворија во паркинзи. Наместо на сервисните улички, тамошните жители сега ќе се паркираат на новиот паркинг-простор на површина од 830 квадратни метри.
– Стар Чаир е една од многуте локации што е дел од нашиот акциски план за зголемување на актуелните паркинг-капацитети и работата во овој правец ќе ја продолжиме и на други локации каде што за тоа има потреба. Секој ден сѐ повеќе и повеќе во Чаир додаваме нови паркинг-места, одговарајќи на барањата на граѓаните и потребите за зумирање на тековните капацитети за паркирање. Продолжуваме со интензивната акција во овој правец и на улицата Крсте Асенов број 22, а потоа и на улицата Дервиш Хима каде што започнавме со процесот на работа по барање на граѓаните од оваа населба – истакнуваат од Општина Чаир.

Каква е состојбата во Општина Ѓорче Петров, а каква во Гази Баба?

Во правец на проширување на паркинг-капацитетите работат и надлежните од Општина Ѓорче Петров и последно по сите стандарди изградија паркинг кај старата полициска станица со капацитет од 50 паркинг-места.
– Се градат нови паркиралишта и им се излегува во пресрет на граѓаните. Шест паркинзи напоредно се прават, а четири се веќе готови. Два веќе се асфалтираа кај големиот кружен тек, а имаат капацитет за 20 возила. Недостигаше паркинг и во населеното место Волково и ние го изградивме пред ОУ „Јоаким Крчовски“, каде што може да се паркираат дваесетина возила. Исто толкав број паркинг места има и на новоизграденото паркиралиште пред црквата „Света Петка“ во Волково. Нови триесетина места за паркирање овозможивме и на паркиралиштето пред стадионот „Македонија Ѓорче Петров“ и уште едно паркиралиште за околу 25 возила адаптиравме на улицата Шидска. Исто така направивме и паркиралиште со поголем капацитет од 40 паркинг-места кај пристапната улица на корзото – информираат од Општина Ѓорче Петров.
Општина Гази Баба го решава проблемот со недостигот од паркинг-места со изградба на нови паркинзи, како и проширување на постојните паркиралишта со нови паркинг-места.

– Досега Општина Гази Баба има обезбедено нови повеќе од 100 паркинг-места во повеќе населени места. Изграден е нов паркинг зад амбулантата во Ченто, потоа пред основното училиште „25 Мај“, како и нов паркинг за станарите од кулата 45 во Железара. Исто така има нов паркинг пред Општина Гази Баба и еден кај црквата „Св. Спас“ во Маџари. Реконструкција и проширување се извршени на паркингот на последна 45-ка, реконструиран е паркингот во Железара и оној на улицата Анри Барбис – велат од Општина Гази Баба.
Оттаму додаваат дека за оваа година планираат реконструкција и изградба на повеќе паркиралишта, а веќе на терен се работи за изградба на ново паркиралиште на улицата Благоја Стефковски број 111 и на број 1, нов паркинг пред детската градинка „Калинка“ во Железара и еден на улицата Коце Металец кај зградите шест и осум. Овие нови паркиралишта ќе понудат повеќе од 50 нови паркинг-места, кои би ги задоволиле потребите на станарите од овие станбени згради. Проценуваат дека едно од критичните места во делот на паркирањето, но и циркулацијата на возила, е населбата Автокоманда. За решавање на овој проблем, Општината веќе подготвила сообраќајна студија, која наскоро ќе ја презентира пред граѓаните. Покрај студијата, Општината подготвила и проекти за изградба на монтажни катни гаражи на неколку локации во населбата за решавање на проблемот со паркирањето.