Фото: Игор Бансколиев

Дека целокупната состојба со вирусот ги смени живеењето и работењето во градот доказ беа и сите институции во метрополата, кои мораа да го адаптираат своето работење на новосоздадените услови. Голем број проекти се одложија или прекинаа, а работењето на градските и на општинските служби доби сосема нов тек. Како понатаму?

Веќе неколку дена ја живееме 2021 година. Сите ѝ пристапивме со многу надеж и желби небаре очекувавме прекуноќ да исчезнат сите проблеми со кои се соочувавме минатата 2020 година. Сепак, проблемите предизвикани од пандемијата се провлекуваат, а мора да се направи динамичен план за работа во новите услови и обврските да се завршуваат. Скопје функционира во нов, многу поинаков ритам од она на што неговите жители се навикнати. Сѐ е сменето. Игралиштата иако се полни со деца, сепак родителите внимателно ги пуштаат своите деца таму за да не дојде до заразување со коронавирусот, во маркетите се држи дистанца, редици се чекаат пред банките, а кафулињата и рестораните по кои градот е познат не функционираат како порано.
Дека целокупната состојба со вирусот ги смени живеењето и работењето во градот доказ беа и сите институции во метрополата, кои мораа да го адаптираат своето работење на новосоздадените услови. Голем број проекти се одложија или прекинаа, а работењето на градските и на општинските служби доби сосема нов тек.

ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО ЦЕЛОСНО СМЕНЕТ НАЧИН НА РАБОТА

Јавните претпријатија исто така се соочија со голем број проблеми во функционирањето. „Градски паркинг“ и „Паркинзи на Општина Центар“ претрпеа финансиски загуби, Јавното сообраќајно претпријатие возеше со преполовен капацитет заради заштита на граѓаните од вирусот, а јавното претпријатие „Комунална хигиена“ доби дополнителни работни обврски предизвикани од вирусот.
– За спречување на ширењето на ковид-19, од почетокот на март 2020 година ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје започна да функционира со двојно зголемен обем на активности, реализирајќи низа вонредни мерки и акции. Секојдневно се спроведуваше машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камени мост, мостот „Гоце Делчев“, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и Старата скопска чаршија – изјавија од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во повеќе наврати реализирале и рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и на голем број детски игралишта во сите скопски општини.
– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје континуирано вршеше дезинфекција и на сите подземни и надземни контејнери, вклучувајќи ги нивните микролокации – велат оттаму.

СМЕНЕТ НАЧИНОТ НА РАБОТА НА ГРАДОТ И ОПШТИНИТЕ, НАЈАВА ЗА ДИНАМИЗИРАЊЕ НА ЗАВРШЕНИТЕ ОБВРСКИ

Дека пандемијата предизвика нарушување на плановите и работењето на градот и на општините говори и фактот што сите градоначалници изминатата година ја окарактеризираа како исклучително тешка и како година што дефинитивно оставила свој печат во начинот на планирањето и реализирањето на предвидените работни активности и проекти.
– Изминатата година беше тешка и лоша затоа што добивме светска пандемија. Она што можеби беше планирано од моја страна и од луѓето со кои заедно сме овде веќе полни три години, моравме да го смениме и да се приспособиме на новите вонредни услови и околности, со доза логичен и личен и институционален страв – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Сепак, според него, и покрај вонредните услови, голем број проекти биле реализирани и, како што истакна тој, генерално е задоволен од завршените проекти во градот Скопје.
Сите општини и покрај соочувањето со коронавирусот, добро се справија со предизвиците што новото нормално ги донесе. Општина Бутел заедно со кризниот штаб што беше формиран ги фокусираше приоритетите на дејствување во насока на заштита на здравјето на граѓаните и максимална заложба да се забави ширењето на вирусот, додека, пак, Општина Карпош за време на карантинот и на полицискиот час ги дуплираше обврските бидејќи им даваше поддршка на лицата во изолација заедно со Црвениот крст, чии волонтери набавуваа храна и лекови за болните и изнемоштени лица. Седум пати беше реализирана дезинфекција на повеќе од илјада влеза на згради, беа доделени социјални пакети и еднократна помош за најранливите категории граѓани.

И во Општина Центар беа реализирани голем број проекти за справување со вирусот, а не изостанаа ниту спроведувањето и реализирањето на проектите од круцијална важност за граѓаните. Општинската власт реализира дезинфекција на улиците во општината, дезинфекција на влезовите во колективните станбени објекти, а беа доделувани и месечни социјални пакети за семејства со висок социјален ризик. Исто така беа реализирани и голем број превентивни мерки во основните училишта и градинките, а општината помагаше и со дистрибуција на заштитни маски и гелови за дезинфекција.
Повеќето од средствата во буџетот на Општина Гази Баба беа пренасочени во насока на борба со вирусот и заштита на граѓаните. И во оваа општина беа реализирани дезинфекција на улиците, детските и спортски игралишта, беа поставени четири пункта за дезинфекција на возила, беше обезбедено доволно количество заштитни маски и дезинфекциски средства за училиштата и детските градинки.
Активната работа на општинскиот кризен штаб на Ѓорче Петров исто така придонесе во борбата за справување со коронавирусот. Во оваа општина родителите беа ослободени од плаќање на трошоците за градинка додека децата не ги посетуваа градинките.
И тука беа реализирани голем број проекти за дезинфекција, а беа доделени и многу хуманитарни проекти.
И Општина Кисела Вода и покрај работењето со намален капацитет, работеше во служба на граѓаните и во справувањето со последиците од пандемијата. Покрај пандемијата, општинската администрација работеше ротациски со намален број работници, но сепак, во ниеден момент не беа прекинати работењето и реализацијата на проектите.

СО ВИРУСОТ ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ, А ИНТЕНЗИТЕТОТ И ЕФЕКТИВНОСТА НА РАБОТЕЊЕТО МОРА ДА ГИ ЗГОЛЕМИМЕ

И во услови на пандемија мора да се живее и работи. Факт е дека изминатата година беше вонредна и сосема нова за сите нас. Поради вирусот сите моравме да се адаптираме на поинаков начин на функционирање, живеење и работење. Да, беа реализирани голем број проекти и низа активности што беа од витално значење за градот, општините и граѓаните. Меѓутоа исто така факт е дека може подобро. Сепак и во вакви вонредни услови мора да се најде начин за подобро и поефикасно работење. Изминатата година ги покажа сите слабости на системот, па затоа, оваа треба да поработиме на тоа. Да ги елиминираме недостатоците, бидејќи вирусот не замина, остана меѓу нас, а со него мора да научиме да живееме. И покрај вонредните услови, мора да се најде начин за подобра, поефикасна и поефективна работа, работа со поголем интензитет, која оваа нова година ќе донесе поголеми и подобри резултати за сите нас.

[email protected]