Ќе помогнат ли електронските картички за да се исчисти градот од ѓубре Фото: Игор Бансколиев

Некои скопјани прашуваат зошто би се потрошиле толку пари за програмата „Смарт сити“, за паметни контејнери, ако сѐ уште треба да се работи на граѓанската свест. Дали сега градот е почист таму кај што има подземни контејнери или ѓубрето честопати завршува фрлено покрај нив

Уште непоставени, некој намерно или од несовесност ги „украси“ однадвор новите контејнери со полни најлонски кесиња со ѓубре. Наместо во садот, некои луѓе ги закачија ќесињата на рачките што треба да ги користат инвалидизираните лица, за да ги отворат капаците на садовите и во нив да го фрлат сметот. Ако веднаш уште пред првата употреба некои од граѓаните си ги покажаа својата несовесност и некултура, тогаш навистина се поставува прашањето како би функционирал системот „Смарт сити“, односно инсталирањето на програмата за паметни контејнери, која за в година ја најавува скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Со оваа програма, како што вели тој, станарите од една станбена зграда ќе можат да ги отвораат своите контејнери со електронски картички што ќе значи дека никој друг не ќе може своето ѓубре да го фрла во туѓи контејнери. Контејнерите не ќе може да се отворат доколку се нема соодветната картичка за нив, а тогаш кога ќе се наполнат, тие ќе алармираат дека се полни, за да дојде камион и да ги испразни. Тоа значи дека тогаш комуналците ќе работат и по повик од таканаречените паметни контејнери. Тоа што овие контејнери ќе бидат затворени и нема да се гледа ѓубре на површина ќе ја смени сликата и градот ќе биде почист, смета градоначалникот. Но многумина се прашуваат дали и сега градот е почист, особено во деловите каде што се поставени подземните контејнери, кои беа проект на претходниот градоначалник Коце Трајановски. Тие, секако, се затворени, но ѓубрето честопати наместо длабоко под земја завршува фрлено покрај подземните контејнери. Дури и од ЈП „Комунална хигиена“ признаваат дека честопати на терен се соочуваат со појавата на фрлање на комуналниот отпад надвор од контејнерите или на самата платформа на подземните садови. Оваа појава, велат, се случува без исклучок во сите општини каде што се поставени подземни контејнери, но особено се проблематични локациите зад „Апче“, кај ООУ „Коле Неделковски“, Зеленото пазарче и „Три бисери“. Токму поради ваквите слики низ градот, кои и граѓаните ги забележуваат, дури и во строгиот центар кај подземните контејнери на булеварот Кочо Рацин, спроти зградата на македонскиот Црвен крст, се прашуваат дали е паметно да се потрошат пари за системот „Смарт сите“, ако сѐ уште треба да се работи на граѓанската свест.

– Убаво звучи сево ова со овие паметни контејнери, но главното прашање е колку паметно ние постапуваме кога е во прашање фрлањето на отпадот. Купишта ѓубре се оставаат и сега покрај подземните контејнери, а и тие служат да се смени сликата со ѓубрето на површина. Затоа сметам дека ова сега со програмата „Смарт сити“ ќе ја усложни ситуацијата, на пример некој ќе ја загуби картичката и ќе мора да го остави ѓубрето покрај затворениот контејнер. Ќе бидат залудно потрошени пари, исто како за електронските здравствени картички. Ако ѓубрето сѐ уште се фрла кај што не му е место, ако тоа го прават и студентите, чии студентски домови ги чистеа комуналците, ако ѓубре се остава покрај контејнерите и се фрла од терасите на станбените згради, како тогаш да имаме толку софистициран начин за фрлање на отпадот – се прашува жителка од скопската населба Топанско Поле.
И од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека подземните контејнери што се поставени на неколку локации во градов овозможуваат да не се разнесува ѓубрето ниту од ветер ниту од мачки или од кучиња скитници.

– Доколку правилно се користат, овој тип садови за отпад претставуваат добро решение, од причина што отпадот е внатре и се намалува можноста за негово разнесување и расфрлање, како и непријатните миризби. Подземните садови имаат капацитет од три кубни метри и се поставени во сетови од повеќе контејнери на една локација, а од друга страна нивното празнење се одвива секојдневно, така што во никој случај не станува збор за преполнетост – велат од ЈП „Комунална хигиена“, одговарајќи на нашето прашање зошто граѓаните го оставаат ѓубрето покрај подземните контејнери.

Ако е тоа така, тогаш навистина се поставува прашањето дали ќе вреди да се потрошат пари за електронски картички со кои ќе се отвораат контејнерите, ако и сега имаме граѓани што не го фрлаат ѓубрето во отворените контејнери. Многумина го оставаат покрај нив или на одење кон автобуските станици го оставаат во кошничките за ситен отпад.