Фото: Принт-скрин

Протестот на пазарџиите од Зелен пазар кои бараат намалување на цените за паркинг на Општина Центар предизвика блокирање на сообраќајот на дел од булеварот „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје.

Полицијата ги пренасочува возилата од пред крстосницата кај катната гаража „26 Јули“, откако блокиран е сообраќајот на потегот кај дирекцијата на Макптерол.

Цените за еден час паркинг на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар” се зголемија за 20 денари од осми јануари, со неодамнешната одлука. 

ЈП „Паркинзи на Општина Центар” апелира до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Автомакедонија“ како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите.

– Затвореното паркиралиште ‘Автомакедонија’ се наоѓа во непосредна близина на Зелен пазар и со години е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму. Во изминатиов период ЈП ПОЦ воведе неколку мерки за решавање на овој проблем, односно постави нов систем за препознавање на регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила и како последна мерка, ги зголеми цените за 1 час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови. Со поставувањето на АНПР-камерите, ЈП Паркинзи на Општина Центар има многу поголема контрола на злоупотребите кои се вршат на ова паркиралиште. Имено, пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластен паркинг-билет за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили ги користеа за тешки товарни возила за кои ЈП ПОЦ, согласно одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на стока до 7 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на стока од 5 до 7 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние кои ќе вршат ваков тип злоупотреба – се наведува во реакцијата.

Со воведувањето на овие мерки, ЈП Паркинзи на Општина Центар вели дека ќе се стави крај на неправилностите кои се случувале со години наназад и ќе се направи ред во паркирањето, давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Автомакедонија“, коишто, како што се наведува, поради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето.