Парковите се неопходност за квалитет на живеењето на урбаниот човек

За нешто повеќе од половина година се оформени 13 нови паркови во општините: Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров и Гази Баба. Градските власти веќе имаат предвидени цели Скопје да стане град што со гордост ќе го носи епитетот зелен град, па редица активности се насочени во тој правец

Капацитетот на „белите дробови на Скопје“ се зголемува

Скопје да стане место што со гордост ќе го носи епитетот зелен град! Во таа насока динамични програми за дејствување се почнати во последниве неколку месеци. И покрај познатите тешкотии, веќе е видливо никнувањето на нови тревни површини на повеќе локации. Од јануари па досега, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, надлежно за подигање, одржување и уредување на зеленилото во градот, има подигнато вкупно 99.128 квадратни метри зелени површини.

Колку повеќе зеленило, толку подобро за жителите на градот

Унифициран европски стандард за зеленило по жител нема, туку за секој град тој е различен во зависност од географските и урбанистичките специфики и местоположбата на градот. Сепак, при пресметките се земаат предвид бројот на жителите во населеното место, површината со зеленило, пристапноста до зеленилото од страна на жителите итн. За жал, за Скопје нема некој точен податок за зеленило по жител бидејќи не е направен попис на населението и нема точна бројка на жителите во градот…

Неуредените површини да станат зелени површини

Откако минатата година беше оформен паркот „Ибни Пајко“, на просторот зад Националната филхармонија, годинава неуредениот простор меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга во Кисела Вода стана уреден нов парк. Тој е на површина од 16 илјади квадратни метри и во него се засадени над 150 листопадни и 240 зимзелени садници, како и околу 400 украсни грмушки. Во парк се претворија и 6.000 квадратни метри кај Железничката станица. Градот Скопје интензивно уредуваше вакви неуредени локации и диви депонии во Аеродром, во Кисела Вода, во Ѓорче Петров и во Карпош 4. Места што претходно беа диви депонии прераснаа во мали зелени оази.
За нешто повеќе од половина година се изградени 13 нови паркови во општините: Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров и Гази Баба. Некои од скопските општини имаа и свои активности за уредување на парковското зеленило, но и за садење нови дрвја.

„Зелен Карпош“ клучна определба на Општината

Општина Карпош, во рамките на спроведувањето на својот концепт „Зелен Карпош“, само годинава засади 643 висококвалитетни и веќе развиени дрвја (со годишна старост од две до три години). Освен тоа, по парковите, плоштадите, платоата и секаде каде што има јавни зелени површини, но и каде што инфраструктурно и урбанистички постоеше можност, засадени се 11.872 украсни растенија.
– Нешто на што сме особено горди е што успеавме да создадеме нови зелени тревни површини на 1.560 квадратни метри, или сликовито кажано, колку три фудбалски игралишта. За нивното редовно одржување, но и за постојните зеленила, поставивме и нови, дополнителни седум автоматски системи за наводнување. Инаку, ориентациски, новите зелени површини се креираат низ сите делови на Карпош, од просторот кај улицата Иван Аговски во Карпош 1, оној кај Драмскиот театар во Карпош 2, на улицата Никола Русински во Карпош 3, на улицата Љубљанска во Карпош 4, на улицата Московска во Тафталиџе, кај пазарчето и во Долно Нерези, кај воените кули. Создавањето поздрава животна средина и проширувањето на зелените површини остануваат клучна определба и политика на развој на Општината – истакнуваат од Карпош.

Аеродром со голем број зелени проекти

Од Општина Аеродром информираат дека набавиле и засадиле 5.500 нови високостеблести дрвја, за кои издвоиле 22 милиони денари. Подигнати се и нови површини со зеленило преку изградба на нови паркови.
– Моментално се реконструира паркот „Бојмија“, со површина од 5.500 квадратни метри, со пешачки патеки со павер-елементи, детско игралиште, терен за мал фудбал, простор за рекреација со фитнес-реквизити на отворено, нова урбана опрема, клупи, канти за отпадоци, чешма за пивка вода и фонтана. Изградивме парк кај Железничка станица на местото на дивата депонија заедно со Град Скопје, на површина од 6.000 квадратни метри. Во Мичурин се гради парк на местото на постојното игралиште спроти ООУ „Блаже Конески“, со површина од 3.573 квадратни метри. Го обновивме паркот во населбата Лисиче на булеварот Србија. Депонијата на булеварот Трета македонска бригада прерасна во прекрасен парк, кој е хортикултурно уреден со пешачки патеки, плато, нова урбана опрема и детско игралиште – објаснуваат од Општина Аеродром.

Надлежните оттаму велат дека во наредниот период веќе имаат планирана изградба на неколку парка. Првиот е покрај улицата Методија Шаторов-Шарло, на површина од 3.200 квадратни метри. Паркот ќе има зелени површини, пешачки патеки со клупи, плато со маси и клупи, како и детско игралиште. Вториот ќе биде подигнат покрај улицата Пандил Шишков и ќе се простира на површина од 4.112 квадратни метри. На овој парк се планирани и дел за седење со урбана опрема, платформа за игри, дел за одмор и релаксација, детско игралиште и зеленило. Во плановите е предвиден и паркот што ќе се простира меѓу булеварот Трета македонска бригада и касарната „Гоце Делчев“ со површина од 2.500 квадратни метри. Освен зеленило, ќе има и пешачки патеки со клупи, спортско игралиште за рекреација на младите и детско игралиште.

Општина Кисела Вода фаќа приклучок кон „зелената иницијатива за градот“

И Општина Кисела Вода изминатиов период ја зазеленуваше својата територија. Од почетокот на оваа година, досега на повеќе локации се засадени околу 400 дрвја.
– Во дел од паркот „Шопен“, лоциран во близината на Општината, засадивме нова трева, а поставивме и нов автоматски систем за наводнување на зеленилото. Покрај ова, во периодот што следува, во соработка со Град Скопје зад станбено-деловниот комплекс „Адора Флатирон“ на површина од околу 3.000 квадратни метри ќе направиме ново зелено парковско уредување. Исто така, до крајот на годинава, зелена површина на 1.250 квадратни метри ќе добијат и жителите на населбата Пинтија. И по ова ќе продолжиме да создаваме нови зелени парковски површини – најавуваат од Општина Кисела Вода.

Пандемијата да не го спречи садењето нови садници

ЈП „Паркови и зеленило“, во согласност со предвидените активности, секоја година спроведува акции за садење садници напролет и наесен на јавните површини за кои е одговорен Градот. Пролетва тоа изостана од познатите корона-причини.
– Поради настанатата состојба со пандемијата на коронавирусот, оваа пролет не извршивме садење садници на јавните површини што се под надлежност на Град Скопје. Водејќи се од настанатите препораки и мерки, се надеваме дека наесен ќе бидеме во можност да спроведеме акција за да засадиме висококвалитетни садници, разубавувајќи го и збогатувајќи го зеленилото во градот.

Според, годишната оперативна програма за работа на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје за 2020 година, зеленилото што го одржува претпријатието, а е под ингеренции на Град Скопје, е со површина од 1.844.500 квадратни метри, додека, пак, зеленило под надлежност на општините изнесува 2.710.725 квадратни метри, така што вкупната зелена површина изнесува 4.555.225 квадратни метри. Наедно, нагласуваме дека зеленилото и дрвјата во приватните дворови не се влезени во оваа бројка – велат од ЈП „Паркови и зеленило“. С.Р.