Случајот од „Ѓоргија Пулевски“ низ стручната призма на педагозите и психолозите

Случката за фрлената ученичка низ прозорец од нејзините четиринаесетгодишни соученици во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром ја разбранува јавноста и ги вознемири граѓаните. Настанот се случил минатиот петок, помеѓу 10.30 и 11 часот, за време на малиот одмор, а случајот се обелодени завчера, откако родителите на повреденото девојче пријавиле во полиција дека нивната ќерка била фрлена од прозорец од приземјето на училишната зграда и добила полесни телесни повреди. За настанот имаше лавина реакции на социјалните мрежи и барање одговорност. Се коментираше и вчера и се бараше одговорност од родителите и од институциите. Други прашуваа дали треба поголем мониторинг од страна на професорите или можеби има пропусти во образовниот систем.

Едни случајот го оквалификуваа како врсничко насилство, а други, пак, коментираа дека не е важно дали ќе се крсти врсничко насилство или детска опасна игра, важно е дека се играло две-три недели и никој не разбрал за тоа, а последиците можеше да бидат и фатални. Токму поради тоа во некои од коментарите на социјалните мрежи се бара одговорност од сите, од класниот раководител до директорот и учениците и родителите, бидејќи некој требало да го спречи тоа. По обелоденувањето на случката, општината Аеродром излезе со соопштение во јавноста во кое рече дека е во постојана комуникација со претпоставените од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ и сите надлежни институции во однос на пријавениот случај за четиринаесетгодишната ученичка.

– Случајот е пријавен во полициската станица во Аеродром и се преземаат мерки за негово целосно расчистување. Исто така, Државниот просветен инспекторат беше повикан и изврши увид во случајот. Општината Аеродром најстрого осудува секаков вид насилство меѓу учениците и е посветена на целосно расчистување на овој случај, како и креирање мерки за подигнување на свеста кај учениците од најмала возраст и превенција на идни немили настани – се вели во соопштението од Аеродром.

Дали станува збор за детска непромислена игра или врсничко насилство, допрва ќе покаже истрагата на МВР, откако ќе го испита случајот и ќе ги собере сите потребни докази. Но она што е евидентно во општеството е дека врсничкото насилство е сѐ поприсутно, како и агресијата помеѓу младите. Многумина гласно се прашуваат што е тоа што ги тера младите на насилство и предизвикува агресија кај нив. Дали изостанува родителскиот надзор во времиња кога не престанува трката за пари и успешен бизнис? Што им недостига на децата, па се осмелуваат да вршат вербално или физичко насилство над своите другари? Станува ли збор за агресивни, сурови, разгалени или невоспитани деца што уживаат да ги исмејуваат и малтретираат своите врсници? Врсничкото насилство не се случува само во училишните згради, туку и надвор од нив, по улиците, автобусите, но и на социјалните мрежи.

– За жал, темпото и брзиот начин на живот, трката по пари, но и борбата да се преживее месецот, доведоа до тоа родителите да ги намалат посветеноста и квалитетното време минато со своите деца. На сметка на тоа, некои родители стануваат попустливи, па затоа децата не се плашат од казна, не почитуваат авторитети, почнувајќи од своите врсници до наставниците. Во склоп на неиздржливото животно темпо, родителите стануваат сѐ поисцрпени, а со тоа нетолерантни, фрустрациски неиздржливи, импулсивни, со значително намален интерес и ангажман во процесот на правилно воспитување и животно насочување на децата. Значително се променети моралните социокултурни норми, почнувајќи од кругот на семејството, реперкусирајќи врз поведението на децата и надвор од дома. Значителен проблем е агресивноста во текот на школувањето, што не само што ја попречува успешноста туку дава уште повеќе можности за слободно агресивно празнење. Променет е и односот родител – наставник. Децата се презаштитуваат, а се потценува работата на наставниците и им се одзема авторитетот. Децата го гледаат тоа и го имитираат. Исто така, достапноста на несоодветни и агресивни содржини на Интернет, телевизијата и другите социјални медиуми е огромен фактор – вели м-р Ивана Хаџиванова, психолог/психотерапевт.

И педагозите се согласни дека кога е во прашање врсничкото насилство, проблемот е многу покомплексен.

– Се работи за стекнување внимание, кое го бараат децата од семејството и од училиштето. Децата многу се оставени сами на себе, родителите ги оставаат сами на себе и не ги контролираат колку долго и какви игри играат. Некои игри ги тераат децата на агресија и тие мислат како во игрите е можно и во реалноста некој да падне од дрво и да продолжи да трча.

Младите родители мислат дека децата ќе се воспитаат сами од себе. Затоа е потребно родителите заедно со децата да гледаат филм, да играат игри и да коментираат што е добро што е лошо. Ако не се прави тоа, децата се затвораат во себе. Наставниците својот удел го сведоа на тоа само да ја предадат лекцијата, изостанува воспитниот дел. Како да ја изгубивме битката и сѐ се сведе на тоа дека секој може да биде наставник, а многу е важно што и како ќе каже наставникот, како зборува, како е облечен… Децата може да играат игри, јас не сум против технологијата, но треба да се има лимит еден час и потоа можеби заеднички прошетки и слично – вели Виолета Саид, магистерка по педагошки науки во пензија.


Минатата година имало 53 случаи на училишно насилство

Колку случаи на врсничко насилство се случиле годинава, од МВР не можеа да ни дадат податок вчера, а нѐ информираа дека од податоците со кои располагаат во периодот од јануари до септември 2017 година биле регистрирани вкупно 53 настани на насилство во училиштата. Поради училишниот распуст, велат, не се регистрирани настани во јули и август.
– Според локацијата на училиштата каде што се регистрирани насилствата помеѓу учениците, 15 настани се регистрирани на подрачјето на СВР-Скопје, потоа по девет настани се на подрачјата на СВР-Куманово и СВР-Охрид, осум на подрачјето на СВР-Тетово, седум настани на подрачјето на СВР-Битола, четири настани на подрачјето на СВР-Велес и еден настан е регистриран на подрачјето на СВР-Штип – информираат од МВР.
Во најголем дел, односно во 40 настани, учениците насилничкото однесување го изразиле преку физички напади, потоа во 10 преку меѓусебна тепачка, а по еднаш станувало збор за пукање од огнено оружје, вербална закана и за попречување настава. При насилничкото однесување, учениците во 46 случаи употребиле физичка сила, во четири случаи тврд предмет и по еднаш употребиле огнено оружје, нож и вербална закана. Во настаните учествувале вкупно 196 ученици, како и еден професор и еден родител, од кои 40 ученици се телесно повредени, а на еден ученик му е нанесена тешка телесна повреда од употреба на огнено оружје. Од преземените мерки и активности е утврдено дека насилничкото однесување било иницирано од страна на 143 ученици.