Кога е загаден воздухот, децата се изложени на хемиска дразба Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите светски истражувања досега докажаа дека изложеноста на ПМ 2,5 претставува еден од најголемите ризици за човековото здравје, бидејќи честичките навлегуваат во белите дробови, а некои од нив дури и во крвотокот. Изложеноста пак на ПМ 10 може да предизвика иритација на очите, носот и на грлото

Секојдневната или честа изложеност на загаден воздух предизвикува сериозни здравствени проблеми, а кај некои и смрт. Кардиоваскуларни импликации, како аритмии, срцеви удари, астма и бронхитис, се само мал дел од влијанијата што загадениот воздух ги предизвикува кај граѓаните. Сите светски истражувања досега докажаа дека изложеноста на ПМ 2,5 претставува еден од најголемите ризици за човековото здравје, бидејќи честичките навлегуваат во белите дробови, а некои од нив дури и во крвотокот. Изложеноста пак на ПМ 10 може да предизвика иритација на очите, носот и на грлото. И тоа не е ништо ново доколку се земе предвид фактот што Скопје и Македонија веќе неколку години по ред, во зимските периоди, се затруени од ПМ-честички, за кои се чини дека никој нема интерес да поработи на нивното елиминирање или барем намалување во границите на нормалата.

Директорот на Универзитетската клиника за алергологија и пулмологија, професор доктор Дејан Докиќ, алерголог и пулмолог, вели дека загадувањето е новитет изминатите години и се јавува како последица на дизел-горивата, каде што има органски согорувања, а тука се индустријата, домаќинствата…

– Сите тие честички прават дразба на слузокожата, на кожата, на очите, предизвикуваат суво грло, кашлица, печење на очите, и тоа кај здравите лица. Кај болните, пак, предизвикуваат влошување на болестите, појава на хронични опструктивни белодробни болести, астма… Самата изложеност го прави организмот приемлив за вируси, почнувајќи од децата па до возрасните – вели докторот.
Според него, на Клиниката за пулмологија и алергологија има зголемен број пациенти, но тешко дека може да се каже дека причина за нивната посета е токму загадениот воздух.

– Во амбулантата каде што примаме приоритетни случаи имаме околу триесет пациенти. Вкупно, имаме и до 150 пациенти, но тука не се само итни туку и оние што си имаат закажани прегледи преку „Мој термин“ – вели директорот Докиќ.
На Клиниката за детски болести, пак, во моментот лежат околу 130 дечиња.
Директорката на клиниката, Катерина Ставриќ, вели дека во вечерните часови голем е бројот на родители што одат со децата на прегледи.

– Немаме точна бројка за тоа колку деца со респираторни болести лежат на клиниката, бидејќи во вкупната бројка влегуваат и доенчиња и новороденчиња. Сепак, дел од нив се со респираторни болести. Загадениот воздух кај децата предизвикува бронхитис, бронхолитис, опструкции… Нема нешто конкретно да се преземе, освен родителите да не ги изнесуваат децата кога е загадено. Исто така, во викендите родителите да ги носат децата на планина, на чист воздух. Друг начин нема, особено за најмалите, на кои воопшто не ни може да им се стави заштитна маска – вели директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ.

Таа истакна дека и исхраната е од клучна важност за чистење од штетните честички, па консумирањето овошје и зеленчук е најважно за чистење на организмот.
На Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, во моментот лежат 74 дечиња, но, според директорот Ангелчо Андоновски, поради зимскиот распуст и празничниот период, бројката е очекувана, бидејќи децата беа или надвор на зимување или во домашни услови.

– Сега е период кога очекуваме инфлуенцата, односно грипот да земе замав. Инаку, во моментов кај децата најчеста симптоматологија се гнојна ангина, пневмонии… – вели Андоновски.

Тој истакнува дека дразбата на која се изложуваат децата кога е загаден воздухот е хемиска.

ПМ 2,5 честичките влијаат на крвотокот, на крвните садови и на мозокот. Кај нас е претежно белодробната патологија, која се манифестира со кашлица, ларингитис, астма. При таа хемиска дразба страдаат меките ткива – вели директорот.