При миење на цистерна во која требало да се изнесе метил акрилат мономер надвор од државата како опасен отпад, пукнала цевка и на тој начин се излеале шест тони води со елементи на опасната хемикалија во „Охис“, вели Пејо Кировски, раководител на одделението за инспекциски надзор во животната средина.

Тој не може да потврди колку е ова опасно за граѓаните и вели дека тоа ќе го испитаат надлежните институции. Подготовката за извозот ја вршела фирма избрана на тендер „Еко центар 97“.

Течноста се излеала во специјално изработена бетонската када, која се наоѓа на отворен простор и така се раширил непријатниот мирис на кој реагирале граѓаните. Се миеле ѕидовите на цистерната за таа да биде деконтаминирана, но се случило да пукне цевката и водата да се излие.

– Со анализи надвор од земјава треба да се утврди колкави елементи на метил акрилат мономер имало во водата – вели Кировски.

Случајот со излевањето на цистерната од „Охис“ во МВР го пријавиле граѓани кои почувствувале главоболки, печење во грлото и во очите. Тие веднаш за случајот ја информирале и скопската полиција, по што попладнево беше извршен увид на местото на инцидентот, каде беше повикана и Единицата за атомска биолошка и хемиска одбрана на АРМ.

Инспектори на општина Кисела Вода, Град Скопје и од Државниот инспекторат за животна средина и екипа на Минисерството за внатршни работи вршеа увид во кругот на фабриката „Охис“ каде попладнево се излеала водата при чистење на цистерната во која претходно била складирана хемикалија.