Реновираниот центар Бит-пазар прераснува во најголемиот пазар во државата, место каде што може да се најде сѐ на едно место, беше истакнато на денешниот настан по повод отворањето на новата инвестиција во износ од 250 милиони денари на „Скопски пазар“ АД Скопје.

На отворањето присуствуваа скопскиот градоначалник Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев.

– Оваа инвестиција е од огромно значење за нашиот град, бидејќи претставува огромен чекор напред во уредувањето на овој простор кој овозможува подобри услови и за пазарџиите и за граѓаните кои секојдневно ги користат нивните услуги. Градот Скопје заедно со Општина Чаир, неколку надлежни институции на централно ниво, Комората на трговци на Република Северна Македонија и еснафот на Старата скопска чаршија, подолго време се обидуваме да воспоставиме ред на јавните површини, а пред се тротоарите и велосипедските патеки. Овие наши напори опфаќаа ослободување на тротоарите и велосипедските патеки, нивна реконструкција, поставување на нова урбана опрема, жардиниери, заштитни столпчиња, како и обнова на зеленилото на булеварот Крсте Мисирков, кој го реконструиравме од Мавровка до Бит-пазар. Тоа го правевме за да развиеме партнерски однос со сите засегнати страни, трговците, муштериите, но и учесниците во сообраќајот, пред се, тука мислам на пешачкиот и на велосипедскиот сообраќај. Ваквиот партнерски однос успеавме да го воспоставиме уште тогаш, а оваа инвестиција е само едно големо поместување напред во насока на подобрување на просторните услови во овој дел од градот – рече Шилегов.

Тој изрази уверување дека просторните услови на новиот објект на Бит-пазар ќе овозможат непречено одвивање на трговската дејност на сите заинтересирани субјекти кои и досега го користеа овој пазар.

– Скопје е град за сите и искрено се радувам на секоја инвестиција која овозможува подобрување на условите во кои секојдневно функционираат нашите граѓани, независно на кој дел од градот му припаѓаат и независно во која општина живеат – кажа градоначалникот.

На ова се надоврза и првиот вицепремиер Артан Груби кој посочи дека градот добива модерен пазар кој што економски бил и е традиционален симбол на Скопје.

– Скопје денес е тоа што секогаш сме сонувале да го имаме, едно за сите, и лево и десно, сепак цело, а не наше и ваше. Честитки и до Висар и Петре заради тоа што градат заедништво и иднина, а не минато и поделби. Денес сме сведоци на трансформација на пазар кој што долги години фунскионираше би рекол како инпровизиран пазар, без услови и посебен паркинг. Бит-пазар е економскиот традиционален симбол на Скопје, кој поради неговата местоположба, споен со Старата скопска чаршија е идентично место во целата земја. Модерно, чисто и средено место за пазарување, ова е тоа што им се нуди на граѓаните, затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат – нагласи Груби.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата ги поддржува капиталните инвестиции што имаат трајна вредност и ги подобруваат условите за работа на граѓаните.

– Со буџетски средства и со поддршка на меѓународните финансиски институции спроведуваме проекти конкретно насочени кон развој на општините. Дополнително, позитивната слика за деловниот амбиент се токму новите инвестиции од приватниот сектор, како во случајот инвестицијата на „Скопски пазар“. Нашата главна цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живеење како на централно така и на локално ниво. За 4 години изградени се: 60 градинки, 80 училишта, 56 објекти за полицијата и 34 здравствени установи. Дополнително се градат над 1.040 километри патишта – автопати, магистрални и регионални патишта – истакна премиерот Заев.