Официјално е отворен „Ибни Пајко“, новиот парк зад националната филхармонија. Се протега на површина од околу 11.000 квадратни метри, а беше подигнат на поранешниот неуреден и нелегален паркинг во кал и прашина. Во паркот има 7.500 квадратни метри тревна површина, прскалки и системи за наводнување, кои работат на принципот капка по капка. Предвидена е и летна сцена за одржување манифестации на отворено.

– Градот е особено горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно 0 денари преку посебни јавни набавки. Зеленилото, патеките и урбаната опрема што ги гледате тука се одвоени од редовните програми на градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив е донација од општествено одговорни компании – соопшти вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

При уредувањето на овој запуштен простор се зачувани затекнатите 12 дрвја што постоеја на оваа локација. Новите 85 садници се засадени во дрвореди. Во паркот се изградени и пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а поставена е и функционална урбана опрема што дополнително го облагородува просторот.
Пристапите кон паркот се обезбедени со рампи за велосипеди и колички, а паркинзите за велосипеди и сервисната станица се поставени на осветлено место под видеонадзор за подобра заштита. На патеката по должината на булеварот Гоце Делчев е засадена жива ограда за да го штити паркот од прашина и од бучава.