Два часа исполнети со театар и музика ги очекуваат сите деца и родители што денеска попладне во 18 часот ќе дојдат на детската работилница во паркот во Капиштец.

Како што соопшти општина Центар, се работи за отворен музичко-драмски час. Драмскиот дел ќе го води актерот Гораст Цветковски, а на музичката работилница под водство на композиторката Ана Пандевска и пијанистката Дуња Иванова децата ќе се запознаат со инструментот клавинова, односно електрично пијано.

Цветковски ќе ги води децата – доброволци низ три кратки драмски игри, „Две жапчиња“, „Двајцата истражувачи“ и „Марија и мајка ѝ“, а потоа тој ќе одигра монолог.

На музичката работилница пијанистката Иванова за децата ќе изведе на клавинова неколку композиции од цртаните филмови, а тие ќе имаат можност да се запознаат со овој инструмент. Под водство на Ана Пандевска најмладите ќе научат што е клавинова, каде се применува и каква е во споредба со акустичното пијано.

Ќе одиграат и неколку музички игри на кои ќе треба да решат музички гатанки или да го погодат инструментот, а ќе имаат и кратка бон-тон едукација за односот кон инстументите, за односот на публиката кон музичарите…

Проектот „На одмор сум во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“ го организира општина Центар со цел корисно да се исполни слободното време на децата за време на училишниот распуст со едукативни и креативни содржини. Целта на овие настани, кои се одржуваат под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ е да се поттикнат најмладите жители што повеќе да излегуваат надвор во своите маала на дружење и игра.

Во рамки на циклусот детски настани во општина Центар летово се одржаа ликовна, музичка, драмска, како и ликовна работилница со игри без граници.