Во Старата скопска чаршија вечерва беше отворена „Лабораторија за урбано живеење“ во Скопје (Urban living lab). Станува збор за нова просторија која се отвора во рамките на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK).

Лабораторијата ја отвори градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој рече дека враќањето на животот во стариот дел на градот е стратешка определба и затоа посветено се работи културното наследство да се направи достапно за сите.

– Активностите што планираме да ги преземаме ќе му дадат само ново светло на наследството, туку ќе овозможат да се испреплетат во него историјата и сегашноста и да направат автентична основа за идното културно творење на нашите сограѓани. Културното наследство, го претставуваат разни добра, наследени од генерациите пред нас или настанати во сегашноста, кои имаат специфична вредност и треба да бидат зачувани за идните генерации. Затоа, неопходно е да се одржува развојот на културното наследство, преку имплементација на соодветни методи и стратегии за валоризација, реставрација, ревитализација, конзервација и заштита – рече градоначалникот Шилегов.