И учениците од основното училиште „Патар Поп Арсов“ се приклучија кон ЕУ-карванот. Патувачкиот автобус тргна на 20 мај од Куманово и ќе посети уште седум града во земјава, а вчера во автобусот влегоа и основците од скопската населба Карпош. Карванот е дел од кампањата „ЕУ за тебе“, а по повод 9 Мај, Денот на Европа.

– Предводени од евроамбасадорот во Северна Македонија, Самуел Жбогар, претставници од Делегацијата на ЕУ и амбасадорите на Словенија, Франција, Холандија, Романија Шведска, Хрватска, Бугарија и Унгарија, до крајот на месецов ќе ги посетат и Свети Николе, Виница, Делчево, Струга, Дебар, Радовиш и Гевгелија – информираат од општината Карпош..

Целта на патувачкиот автобус на ЕУ чии „патници“ се и студенти и претставници на медиуми од земјава, е да се воспостави директна комуникација со граѓаните и да се поттикне дискусија за нивните очекувања во врска со Европската Унија и европската иднина на земјава.

Од општината Карпош информираат дека граѓаните ќе имаат можност да постават прашања поврзани со ЕУ, процесот за пристапување во неа, можностите за финансирање преку ИПА-фондовите и други програми за помош на ЕУ, преку директна комуникација со екипата на патувачкиот автобус на ЕУ.

Посетите вклучуваат дебати со ученици од средните училишта за визијата на младите за Европската Унија, велосипедски родео-активности за најмалите, како и други активности.

Во рамките на кампањата „За чисто како дома исто“, евроамбасадорот Жбогар ќе се сретне со еколозите и активистите од Охрид и од Струга. Притоа, граѓаните можат да се регистрираат како екоактивисти и да учествуваат во акциите за чистење, кои ќе се реализираат во нивните градови. Активистите и општините можат да учествуваат во таканаречениот предизвик „пред и потоа“.