Неодамна почна изградбата на четири нови училници во рамките на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче.
Проектот предвидува да се изградат приземје и кат, со вкупна површина од 390 квадратни метри, односно четири нови училници, хол, канцеларии и санитарни јазли, кои ќе бидат поврзани со веќе постојниот објект на училиштето.
– Изградбата на новите училници е од исклучителна важност за учениците, бидејќи не само што ќе се прошири капацитетот на училиштето туку ќе се реши и деценискиот проблем, така што конечно ќе може да се укине третата смена – информираат од Општината.
Општина Аеродром континуирано вложува во подобрување на условите во образованието. Во изминатиот период се опремени сите осум основни училишта со нова спортска опрема и облека, реконструирана е спортската сала во училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, а наесен ќе биде готов и новиот објект на училиштето. Исто така, оваа година е предвидено сите училишта да добијат паметни табли и современа ИКТ-опрема, а ќе се постават и лифтови за учениците со посебни потреби во училиштата „Александар Македонски“, „Гоце Делчев“, „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“.