Најголем дел скопски општини нема да организираат новогодишни музички забави за граѓаните. Повеќето од своите буџети издвоиле помеѓу милион и три милиони денари само за новогодишно украсување на најфреквентните делови од своите територии. Советниците на општината Ѓорче Петров, пак, одлучиле наместо да украсуваат улици, да израдуваат дел од своите сограѓани со новогодишни подароци и на тој начин да им ги разубават празничните денови. Ќе им поделат новогодишни пакетчиња на 400 првачиња, потоа на социјално ранливите категории и на лица со пречки во развојот од центарот „Порака“.

Општината Аеродром од буџетот издвои 2.540.000 илјади денари за новогодишно украсување. Чаир, пак, ќе потроши само 1.200.000 илјади денари и веќе започна со украсување на главните сообраќајници. Во општината Аеродром со високи новогодишни елки, светлечки снегулки, светлосни фонтани, големи лампиони, светлосен тунел, ѕвездено небо се украсени парковите и булеварите Јане Сандански и 12 Македонска бригада, потоа кружниот тек на улицата Коста Новаковиќ, ТЦ „Бисер“, Мичурин, Бојмија, Бановина, Долно Лисиче, како и детската улицата Тоше Проески.
Општината Карпош издвои два милиони денари. Новогодишно ќе бидат украсени плоштадот „Делфина“ во населбата Влае, платото кај „Млечен ресторан“, потоа ќе се украси во Карпош 3, како и кај кружниот тек кај гимназијата „Георги Димитров“. Новогодишната магија ќе се спушти и на плоштадот „Пецо Божиновски-Кочо“, скверот „Тафталиџе 2“ и платото „Бардовци“.

Посебна прослава за Нова година организирана за граѓаните нема да има ниту општината Центар. За новогодишното украсување, оваа општина има предвидено три милиони денари без вклучен ДДВ, како проценета вредност на набавката. Локалната самоуправа, пак, на Гази Баба одвои еден милион денари за новогодишно украсување на дел од својата територија, и тоа во паркот во населбата Ченто, потоа плоштадите во Хиподром и Автокоманда и објектот на киното „Маџари“.