Комуналните редари од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар изминатиот период се на терен и вршат засилени контроли во подрачјето на Дебар Маало.
Преполни контејнери, расфрлан отпад до контејнерите и несовесно фрлени отпадоци, особено за време на викендите, е непријатната глетка што секојдневно ги затекнува жителите на општината.
– Досега од страна на комуналните редари, во согласност со Законот за јавна чистота, изречени им се неколку опомени на правни и физички лица што биле затекнати како го фрлаат својот отпад на необележени места – информираат од Општината.
Оттаму апелираат до несовесните граѓани и правни лица својот отпад да го фрлаат на места специјално предвидени за таа намена (контејнери, канти за отпадоци, специјални контејнери за пластика, стакло итн.), затоа што во спротивно редарите ќе изрекуваат поригорозни санкции, во согласност со Законот за јавна чистота.