На последната 65-та седница на Советот на Општина Центар, со носењето на измените и дополнувањата (ребалансот) на буџетот на општината, се одвоија средства и за субвенционирање на купувањето велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети.
Акцијата е започната заклучно од први јуни и со одвоените средства ќе се субвенционираат 30 отсто од цената за купување нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет, но најмногу до три илјади денари.
– Секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед, е-велосипед или е-тротинет започнувајќи од 1 јуни, потребно е да ги достави следниве документи: пополнето барање за субвенционирање; копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед, е-велосипед или е-тротинет. Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака бр. 6, почнувајќи од денеска. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и за субвенционирањето – информираат од Општината.