Врз основа на член 46 од Законот за Урбанистичко планирање (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 32/20), на иницијатива на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, објавен е јавен оглас за формирање на Партиципативно тело, кое ќе има за цел да обезбеди инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичко планирање.

Партиципативното тело ќе биде составено од членови на комисијата за урбанизам на Општина Кисела Вода, стручни лица вработени во правното лице што го изработува урбанистичкиот план кој е предмет на расправа, а особено од лица кои се претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладините организации од различните сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти од подрачјето на општината што ги претставуваат различните групи на граѓани, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и другите стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.

Партиципативното тело ќе се формира од доброволно пријавени лица на јавниот оглас.

Јавниот оглас трае 30 дена од денот на објавувањето на веб-страницата на Општина Кисела Водa и со излагање на истиот во писмена форма на огласната табла во просториите на Општина Кисела Вода.

До 11 февруари 2021 година, заинтересираните граѓани и правни лица, можат да ги достават своите доброволни пријави за членување во партиципативното тело на шалтерот на Општина Кисела Вода (барака 6), секој работен ден од 8 до 16 часот.