Општина Кисела Вода во соработка со Секторот за внатрешни работи – Скопје, вчера во училишниот двор на ООУ „Партенија Зографски“ одржа седница на Локалниот совет за превенција.

Седницата како претседавач на Советот, ја отвори градоначалникот Филип Темелковски кој пред присутните говореше за преземените мерки од почетокот на пандемијата со вирусот ковид-19, инфомираше за досега одржаните состаноци на кризниот штаб и за вандалското однесување на поединци. За претстојниот период градоначалникот Темелковски ги нагласи и плановите на Општината за побрзо надминување на настанатата ситуација со вирусот.

На седницата, благодарение на присуството на главниот инспектор од СВР- Скопје, Ристо Јовановски, присутните имаа можност да слушнат за сите активности на полицијата на територијата на Општина Кисела Вода. Покрај ова, Јовановски нагласи дека полициските службеници секојдневно ќе бидат присутни во Кисела Вода и секогаш кога ќе биде потребно ќе преземаат мерки согласно Законот. На крајот се обрати претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ кој детално информираше за работењето на Општината и на Советот во вонредни услови на пандемија.

Градоначалникот Филип Темелковски и главниот инспектор од СВР Скопје, Ристо Јовановски, нагласија дека успешната соработка на Општина Кисела Вода со Секторот за внатрешни работи ќе продолжи и во следниот период. Општината и полицијата ќе продолжат да работат заедно, да реализираат активности за зачување на јавните добра, за подигнување на јавната свест и безбедноста на граѓаните.

Општина Кисела Вода упатува голема благодарност до едукаторот Владо Караев за презентирањето на активностите на Форум театарот кој има за цел да ја подигне свеста и одговорноста кај младите. Благодарност и до наставниците и директорите на градинките и училиштата кои присуствуваа на вчерашниот настан.