Фото: Архива

Советот на општина Карпош, денеска одржа онлајн-седницата на која беше прифатена одлуката за меѓуопштинска соработка со градот Скопје, за реконструкција на улици во населбата Нерези.

Советниците го изгласаа и предлогот за конзерваторски и реставраторски работи на манастирот „Св.Пантелејмон“ кој датира од 12-тиот век и е еден од културно-историските обележја не само на општина Карпош, туку и на градот Скопје.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за грант од Министерството за труд и социјална политика, со помош на кој треба да се обнови детската градинка „Орце Николов“ во населбата Карпош 3.

На денешната седница, советниците ја одобрија и иницијативата за распишување на јавен повик за формирање на младински совет. Формирањето на овој младински совет треба да обезбеди поактивно учество на младите карпошани во реализацијата на разни проекти и настани, кои се од интерес на младината, како и нивна партиципација во решавање на проблемите со кои се соочуваат жителите од оваа возрасна категорија.

Советниците одобрија и финансиски средства за реализација на дел од проектот „Училиштето е место за поттик на младите за позитивни промени и унапредување на животната средина“ во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“.

На седницата се изгласа и одлуката за вработување на кадар во девет основни училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа за учебната 2020/2021.